• среда, 18 декември 2024

Петиција на вработените во Филхармонија до Министерството за култура

Петиција на вработените во Филхармонија до Министерството за култура

8 февруари 2024 

Поради неправилности во работењето, како и низа незаконски постaпки на в.д. директорот Даниел Лазаровски кои доведуваат до нарушување на меѓучовечките односи, а воедно и нарушување на угледот на институцијата не само во национални, туку и во меѓународни рамки, ние - вработените во НУ Филхармонија и членови на Синдикатот на истоимената институција поднесуваме петиција со која бараме негово разрешување.

Укажуваме на постапките на в.д. директорот кои се косат со законските обврски и домаќинското управување со оваа културна институција како што следи:

 

1. Нарушување на воспоставена меѓународна соработка. В.д. директорот еднострано го раскинува потпишаниот договор за шеф диригент со маестро Јерухам Шаровски од Израел, по што е покрената правна постапка против Македонска филхармонија од страна на маестрото. Истата ќе предизвика сериозни финансиски импликации и нарушување на функционирањето и угледот на институцијата на меѓународната сцена. Оркестарот е целосно изолиран од меѓународни соработки, проекти и турнеи по назначувањето на Лазаровски за в.д. директор. Дополнително, како резултат на непостоењето, односно непреземањето на промотивни активности за јубилејот 80 години Македонска филхармонија, институцијата се соочува со драстичен пад на публиката на редовните концерти.

2. Закани и мобинг од страна на в.д. директорот кон вработените во Македонска филхаромонија. Имено, спротивно на добрата воспоставена пракса списоците со состави за концерт да се објавуваат барем еден месец однапред со цел навремено запознавање на музичарите со работниот материјал, в.д. директорот ги објавува ден пред првата проба за концерт, односно во петок наспроти пробата во понеделник. Исто така, при планирањето на концертните состави, одредени музичари се застапени на секој концерт, додека други не се застапени скоро воопшто. Освен тоа, одредени музичари се назначуваат спротивно на работната позиција за која што засновале работен однос, па вработените кои ги назначува во составот на пониска позиција, ги деградира, а оние на повисока ги става во незавидна положба. Како резултат на тоа меѓучовечките односи се нарушуваат и тимската работа виси на конец, а изостанува и соодветната комуникација помеѓу директорот и вработените. Уште повеќе, в.д. директорот без обезбедени материјали и средства за работа, се обиде со различен тип на закани кон вработените, да спроведе реаудиција на музичарите.

3. Злоупотреба на службена положба и овластување. Спротивно на Законот за заштита на лични податоци и Правилникот за начинот на вршење на видео надзор во Македонска филхармонија, на овластените лица, односно офицерот за заштита на лични податоци и администраторот за спроведување на видео надзорот им е одземен пристапот до видео надзорот. Спротивно на Законот за работни односи, на одредени вработени во институцијата им се толерира отсуство од работа повеќе од 3 дена.

Спротивно на Законот за јавни набавки и Договорот за јавна набавка за потрошен материјал, в.д. директорот му ја исплатува на добавувачот целосната сума пред испорака и проверка на потрошниот материјал (предмет на набавката), со што и оневозможува на институцијата да поднесе рекламација, замена, намалување на цената.

4. Кршење на синдикални права. Со упадот на в.д. директорот на состанокот на синдикатот на 1 февруари 2024, и неговото одбивање да го напушти истиот по укажувањата дека без покана не смее да присуствува, тој изврши повреда на правата на вработените за слободно и самостојно синдикално здружување и дејствување, и со тоа направи обид за вршење притисок врз слободното изразување на членовите на синдикатот, што е спротивно на Уставот, законите и колективниот договор.

 

Поради сите овие сериозни нарушувања направени од в.д. директорот Даниел Лазаровски, вработените во Македонска филхармонија бараат негово итно разрешување/смена.

Имено, на Македонска филхармонија, како и на сите останати институции од културата во земјава им се потребни управители со долгорочна визија за развивање и унапредување на уметноста и културата, односно со знаења и компетенции за креирање и спроведување компетитивни и атрактивни програми во согласност со културната дејност и позитивните законски прописи, како и компетенции за развивање долгорочни соработки и управување со човечкиот капитал, односно вработените во институцијата. За жал, сегашниот в.д. директор на Македонска филхармонија со своите постапки не покажа дека има капацитет да управува и раководи со една од најзначајните културни институции во земјата.

Во прилог следи листа со потписи од вработените во НУ Филхармонија.

Со почит,

СО Македонска филхармонија при СКРМ

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан