• петок, 27 декември 2024

Петар Колев за МИА: ГДУ има јасна, кратка и концизна програма, целта е промена во општеството преку личен пример

Петар Колев за МИА: ГДУ има јасна, кратка и концизна програма, целта е промена во општеството преку личен пример
Скопје, 4 јули 2020 (МИА) - Реформа на администрацијата, промена на изборниот модел преку воведување една изборна единица со отворени листи, намалување на бројот на пратеници, кратење на непродуктивните јавни трошоци, а инвестирање во основните приоритети за едно општество - образование и здравство, се клучните проекти што ги претставува Граѓанско демократска унија (ГДУ) во оваа предизборна кампања. Претседателот на ГДУ, Петар Колев, во интервју за МИА посочува дека доколку нема правда и правичност, нема ниту ред и просперитет. Повеќе од јасно е, според него, дека македонското општество има сериозен проблем со владеење на правото, а ГДУ, како што објаснува Колев во интервјуто, голем дел од својот фокус го насочува кон реформите на правосудниот систем. Излегувањето на ДУИ со мотото прв премиер Албанец, според Колев, е модел на етничка конфронтација, поради која не верува дека ДУИ ќе добие поширока поддршка. Колев исто така е и дециден, ГДУ нема да учествува во влада со Демократската унија за интеграција. - Ние во влада во која учествува ДУИ нема да учествуваме. Не поради тоа што имаат кандидат за премиер Албанец, туку поради тоа што овие 20 години како се на политичката сцена, голем дел од нивните кадри беа дел од коруптивните шеми во државата и не видовме ниту еден нивен кадар да поднесе некаква одговорност. Понекогаш ова е прашањена машкост. Ако згрешиш и ако направиш нешто што е надвор од законите и правилата, би било машки одговорно да застанеш пред нацијата и да поднесеш одговорност, објаснува Колев. Прашан како го оценува договорот за добрососедство со Бугарија, Колев одговори дека верува во добрососедски односи на Македонија со сите соседи, но доколку се придржуваат кон принцип на рамноправност. Како што ние ги почитуваме нив, така и тие да нè почитуваат нас. - Јас верувам во добрососедски односи со сите соседи: Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија, Хрватска или нашите подалечни соседи. Но, во еден принцип на рамнопоставеност. Ако ние навистина се почитуваме со официјална Софија, тогаш треба да се почитуваме еднакво. Како што ние ги почитуваме нив, така и тие да нè почитуваат нас, вели Колев. На претстојните избори Граѓанско демократска унија, како што смета Колев, има сериозни и реални очекувања во неколку изборни единици. Сепак, појаснува дека целта не е да бидат дел од владејачката структура, туку да предизвикаат промена во општеството преку личен пример. Изборната кампања почна. Веќе ги презентиравте своите програми пред гласачите. Ќе може ли накусо ударно да наброите пет клучни работи со кои ќе ги привлечете гласовите на граѓаните? - Да, ние како ГДУ ја промовираме нашата програма, но немаме политичка програма во која објаснуваме како тоа ќе изградиме уличка, патче, чешма на некое населено место, како треба во 21 век да зборуваме за компјутер за секое дете, бидејќи ако и од денешна перспектива разговараме на тие теми, тоа значи дека некој овие 30 години ги проспал. Ние како ГДУ имаме јасна, концизна и кратка програма во којашто се собрани како сублимент нашите политички филозофии за основните сегменти на општествениот развој и сектори во општеството. Прв приоритет е политичкиот систем. Голем дел од проблемите во нашето општество се директно сврзани со начинот на којшто функционира политичкиот систем. И тоа е реалноста и вистината за нашиот политички систем, којшто претставува една скапа, бирократска машина за гласање по нарачка и порачка на политичките лидери. Што конкретно визираме кога зборуваме за претставничката демократија? Промената на изборниот модел преку воведување отворени листи во коишто ние како општество да ја ограничиме власта на поединците, а тоа се политичките лидери кои ги составуваат своите листи на база на послушност и лојалност кон нив, а не квалитет на кадрите и кандидатите за пратеници е приоритет којшто е многу важен за да можеме да ја вратиме моќта, суверенитетот во рацете на граѓаните. Тие се тие кои како отворени листи ќе можат да изберат свои претставници во парламент и преку овие конкретни претставници да носат одговорност директно, а не пред партискиот лидер, а пред гласачите кои на база на нивните видувања за развојот на државата ги испратиле во парламент. Ние како ГДУ веруваме во мала, ефективна, професионална и надградена, подготвена државна администрација. Овој бирократски систем што денеска функционира е една скапа машинерија што место да создава услови за развој, прогрес во општеството, многу често е кочничар, рересивен елемент со оние различни нормативни акти, лиценци, дозволи. Одите од канцеларија во канцеларија за три печати и два потписа и губите четири - пет дена. Затоа ние веруваме дека е потребна реформа во администрацијата, но таа треба да почне од врвот на пирамидата. Ако ние како политичари сакаме да го убедиме нашето општество и нашите сограѓани дека сме подготвени да правиме реформа, тогаш треба да започнеме со личен пример од самите нас. Затоа ние зборуваме од ГДУ за намалување на бројот на пратениците во Собрание. На Македонија не ѝ е потребно Собрание од 120 пратеници. Сметам дека на Македонија ѝ е доволен моделот на Словенија од 90 пратеници и тој треба да биде имплементиран. Второ, оние трошоци, претставете си само за плата Сбранието троши 7 милиони евра. Само за основна плата на пратениците. Со половината од тие средства ние можеме да изградиме едно модерно училиште по германски модел, кој ќе даде шанса 800 ученици да се образоваат таму. За 2020 година македонското Собрание има буџет од 10 милиони евра. Дали е тоа нормално за една држава што има дефицит од милијарда и двесте милиони во буџетот, да троши 10 милиони евра за таков тип непродуктивни трошоци. Ние веруваме и во тоа дека на Македонија повеќе не ѝ е потребна Влада од 21 до 22 министри. Онаа пракса за купување политички мир со назначување министри без ресор еднаш засекогаш во нашето општество треба да престане. Една третина од македонските министри се всушност министри без ресор, кои само земаат плата и реално немаат никави обврски. Македонија може да функционира прекрасно со 15 министри. Доста поразвиени држави од нас со силни економии функционираат со 15 министри. Прво почнуваме од тој момент, реформа на администрацијата и промена на изборниот модел. Ние веруваме во тоа дека Македонија треба да биде една изборна единица со отворени листи, 90 пратеници, всушност тоа е моделот по кој се избира и Европскиот парламент. Кога ќе го завршиме ова прашање и кога ке успееме кратејќи ги непродуктивните јавни трошоци како што се платите на рамковните вработени, тогаш мислам дека ќе ни останат средства за реално како држава да можеме да инвестираме во другите два основни приоритети за едно општество. Тоа е образованието и здравството. Ако ние не успееме да изградиме образована, модерна, македонска нација, едно идно поколение коешто може да се носи со предизвикот на големиот европски пазар, тогаш ние како политичари не сме завршиле никаква работа. На Македонија ѝ е потребно образование во кое ќе има помалку часови за учениците Ќе може ли да ни го кажете главниот проект на кој се фокусирате и кој би го реализирале доколку добиете можност по овие избори? - Таму каде што нема правда и правичност, нема ниту ред и просперитет. Повеќе од јасно е дека македонското општество има сериозен проблем со владеење на правото. Ни ние како ГДУ голем дел од нашиот фокус сме го насочиле кон реформите на правосудниот систем, и ќе ви кажам тоа што ние го мислиме, односно одговорноста на тој правосуден систем. За мене е несфатливо Македонија нонстоп да губи дела во Стразбур. Ние благодарение на грешните судски решенија на некои судии во Македонија сега треба илјадници, стотици илјади евра да исплатиме отштета. Тогаш се поставува прашањето, каква е одговорноста на тој судија, каква е неговата персонална одговорност. Затоа ние сметаме дека судиите треба да носат лична одговорност со својот имот за грешните судски решенија, сметаме дека ако се докаже една таква ситуација во која судијата зел грешно судско решение воден од други мотиви надвор од правото, треба да го изгуби и правото да ја практикува таа професија, но исто така да го изгуби и правото на пензија. Никаде во светот не постои дејство без обратна реакција или контрадејство. Во нашиот систем судскиот ситем, еден од основните проблеми е тоа што голем дел од нашите судии се мотивираат од други аргументи при носење судски решенија. Се разбира дека има и чесни исклучоци. Секој од нашите сограѓани знае за што станува збор. Кога зборуваме за јавното обвинителство ние имаме една „провокативна“ идеја. Повеќе од јасно е дека во Македонија се гледаат пипците на политиката во јавното обвинителство. Повеќе од јасно е дека секој од граѓаните е тврдо убеден дека македонското јавно обвинителство има директни зваисности од политичките централи. Тогаш зошто ние политичарите не сакаме да носиме одговорност за јавното обвинителство и се затскриваме зад некакви т.н. Совет на јавни обвинители или некојси друг корумпиран јавен обвинител. Ајде да се носи политичка одговорност за назначување на главниот јавен обвинител и создавањето на јавнообвинителската структура во Македонија. Ние како ГДУ сме подготвени да назначиме главен јавен обвинител во Македонија, се надевам дека и нашите политички конкуренти се подготвени да носат и политичка одговорност за своите кадровски решенија во јавното обвинителство. Онаа флоскула дека јавното обвинителство е независно, сметам дека нашите сограѓани одамна се разубедиле дека не е така. И кој е всушност моделот на САД? Таму и шерифите локални се назначуваат од политичарите и политичарите носат одговорност за нивниот начин на работа. Ајде да го имплементираме и во Македонија. Економијата ќе биде најголем предизвик во периодот што следува, имајќи ги предвид последиците од корона-кризата, какви проекти нуди вашата партија во насока на подобрување на економската состојба? - Ако знаеме дека основен столб на македонската економија се малите и средните компании, компаниите коишто имаат од еден до девет вработени, тогаш повеќе од јасно е дека фокусот на тие компании треба да биде основен приоритет на идната македонска влада. Кога зборуваме за мерките од КОВИД-19 ние неколкупати сме ги критикувале особено за сферата на економијата, бидејќи средствата не беа насочени кон реалните компании на кои им се потребни средствата за тие мали и средни компании, туку беа насочени кон структури на разни олигарси, кон обложувачници, коцкарници, кон компании кои имаат десетици милиони вера печалба за последните неколку години, коишто според мене можат слободно да ја преживеат оваа криза и сами. Опасноста е кај занаетчиите, кај малиот и средниот бизнис. Ние од ГДУ зборуваме за тоа дека треба да се намали администрацијата, за да можеме да ослободиме јавни средства, но кога ќе ослободиме јавни средства тоа ќе ни даде можност да ги намалиме даноците. Сите наши политички конкуренти зборуваат за намалување даноци, но ниту еден од нив не кажува како ќе успее да ја покрие дупката во буџетот. Затоа ние од ГДУ велиме: ќе намалиме администрација и јавни трошоци за да можеме да намалиме даноци во државата. Зборуваме за намалување на ДДВ, кој треба да биде на 12 проценти, за семеен бизнис - нешто што во Македонија никој не сака да го отвори како тема. Нешто кое треба да биде основен приоритет за регионален развој. Неспецифична кампања во специфични услови, епидемија на КОВИД-19. Како вие се промовирате пред гласачите и доколку во вашата кампања вклучувате и директни средби како се грижите сè да биде во согласност со протоколите? - Се разбира дека овие услови не се најпријатни за една политичка кампања и ние во овие услови колку што се нашите можности се трудиме да стигнеме до максимален број граѓани и благодарам на кооперативноста на медиумите. Тоа ни отвора една можност побргу тоа да го направиме, но се разбира дека имаме и средби со граѓани и разговори... Знаете, перфекционизам во човечкиот однос не постои. Не можам да кажам дека сум човек којшто најверојатно можеби во тоа движење и секојдневна комуникација, можеби дел од тие средби не сакајќи човекот ќе ги наруши, но не го правиме со умисла, а да предизвикаме нешто, бидејќи човечки е понекогаш и да згрешиш. Нема човек на земјава кој да има денеска 15/20 состаноци и има средби со различни луѓе и да ме убеди во тоа дека е толку перфектен во односот на мерките. За мене тоа е лицемерно. Да, се трудиме да ги почитуваме условите, не правиме големи собири, се обидуваме да ги ограничуваме на помалку луѓе, но се обидуваме преку медиумите со нашиот искрен однос, со нашата желба да предизвикаме процес на промена преку личен пример, да им објасниме на граѓаните дека е важно да излезат на следните парламентарни избори. ДУИ излезе со мотото прв премиер Албанец, го промовираше Насер Зибери како нивни кандидат за премиер, како ја оценувате оваа стратегија на ДУИ и што тоа, според вас, би значело за албанскиот електортат во земјава? - Не можам да ви кажам како оваа идеја би влијаела кај некого или кај граѓаните, дали тоа се Македонци, Албанци или кој и да е наш сограѓанин. Повеќе од јасно е дека ДУИ за овие 20 години како е дел власта се покажа како еден апсолутно некооперативен и прогресивен коалициски партнер. Од гледна точка на тоа кој ќе биде идниот премиер на Македонија, доколку ме служи паметот, ние сè уште сме парламентарна република. Ако господинот Ахмети го дерогирал важењето на македонскиот Устав, подобро да ни го каже тоа бидејќи не определува Али Ахмети кој ќе биде премиер во државата, ниту Зоран Заев, ниту Мицкоски, ниту Петар Колев. Тоа ќе го определат граѓаните на едни фер, демократски парламентарни избори и ако предлогот на господинот Ахмети, кандидатот за премиер му го одобрат мнозинството граѓани, би му посакал успех во неговата работа. Но, длабоко во себе се сомневам дека овој модел на етничка конфонтација во време на предизборна кампања во којашто никој не сака да зборува за образование, за економија, за здравството, би можело да донесе услови во коишто ДУИ и да добие таква широка поддршка. Кога станува збор за ставот на ГДУ, нашиот став е јасен. Ние во влада во која учествува Демократската унија за интеграција нема да учествуваме. Не поради тоа што имаат кандидат за премиер Албанец, туку поради тоа што овие 20 години како се на политичката сцена, голем дел од нивните кадри беа дел од коруптивните шеми во државата и не видовме ниту еден нивен кадар да поднесе некаква одговорност. Понекогаш ова е прашањена машкост. Ако згрешиш и ако направиш нешто што е надвор од законите и правилата, би било машки одговорно да застанеш пред нацијата и да поднесеш одговорност, без разлика на кој Бог се молиш и без разлика на тоа од каква етничка припадност си. Како ги оценувате Договорот за добрососедство со Бугарија и последните обиди на Бугарија да го оспори македонскиот јазик? - Македонија уште во 1993/1994 година ги има формулирано своите основни приоритети во надворешната политика. Тоа е членство во НАТО и во Европската Унија. Договорот со Грција и со Бугарија е плод на политички притисок, еден дипломатски притисок со јасна цел, Македонија да може да влезе како членка на НАТО и да започне преговори со Европската Унија. По потпишувањето на Договорот со Бугарија за моја огромна жал се измести фокусот и духот на Договорот. Многу политичари во Македонија и во Бугарија се обидоа на база на договор за добрососедство и соработка да пумпаат негативни политички поени. Јас не сум човек што се занимава со популизам и кој од денешна перспектива во овој момент, во време на кампањата ќе си играм со емоциите на граѓаните, а потоа кога ќе отидам некаде во Европскиот парламент или на средба со некој колега, ќе кажам дека поддржувам апсолутно сè. Јас сум човек прагматичар и сметам дека Договорот со Бугарија треба да се разгледува во едни времиња кога водата или езерото ќе бидат мирни. Кога македонските институции ќе бидат формирани, кога бугарските институции ќе бидат надвор од избори и да седнеме да ги затвориме прашањата. Јас верувам во добрососедски односи на Македонија со сите соседи, и со Грција, и со Бугарија, Албанија, Косово, Србија, Хрватска или нашите подалечни соседи. Но во еден принцип на рамнопоставеност. Ако ние навистина се почитуваме со официјална Софија, тогаш треба да се почитуваме еднакво. Како што ние ги почитуваме нив, така и тие да нè почитуваат нас. Што очекувате од претстојните избори, колку мандати очекувате и кои би биле вашите опции за коалицирање? - Ние сме реални луѓе, на база на резултатите од локалните избори во Охрид на коишто имавме 6 проценти како политички субјект, очекуваме еден сериозен резултат на овие избори, но не очекувајте од нас дека ќе зборуваме за тоа дека ќе направиме чудо. Нам ни е јасно дека политичкиот простор во којшто е влезена ГДУ, потребно е време да се развие. Но, имаме сериозни и реални очекувања во неколку изборни единици и сметам дека нашиот резултат ќе биде достоен. Од друга страна, нашата цел не е власт, не е тоа ние да бидеме дел од владејачката структура во државата. Нашата цел е да предизвикаме промена во општеството, но преку личен пример. Да се обидеме да ја испровоцираме критичната интелектуална маса во Македонија на база на нашите политички ставови, да се обидеме заедно да го почнеме тој процес на промени. Затоа ние очекуваме дека ќе имаме една достојна кампања, нашата камања како што секој може да забележи е максимално позитивна. Во неа се трудиме да објасниме кои се нашите ставови по конкретни прашања и на база на тие наши ставови и наши перцепции очекуваме да добиеме и поддршка од граѓаните. Во однос на коалицирањето, освен тоа дека никогаш не би учествувале во влада со Демократската унија за интеграција, тоа е наш принципиелен став поради нивните ретроградни политики, не би можел да кажам со кого би правеле и дали воопшто би учествувале во една влада. Да ги видиме програмите на партиите. Знаете, пред избори многу од политичките ветувања на крај се кажуваат едни искрени лаги. Очекуваме јасен документ со јасни десет приоритети на една влада и ако во тие приоритети ги препознаеме политиките на ГДУ, ќе ја поддржиме таа влада. Ако не, нема ништо страшно во Македонија да имате нов политички субјект, млади луѓе политичари кои ќе бидат опозиција. Бисера Трајковска фото: Дарко Попов видео: Аслан Вишко

   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан