• среда, 27 ноември 2024

Песков: Санду мора да ги докаже своите тврдења за мешањето на Русија во изборите

Песков:  Санду мора да ги докаже своите тврдења за мешањето на Русија во изборите

Москва, 21 октомври 2024 (МИА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека претседателката на Молдавија, Маја Санду, мора да презентира докази за нејзините тврдења дека Русија се мешала во изборите во таа земја, „бидејќи тоа е сериозно обвинување“.

„Таа треба да презентира докази“, изјави Песков, одговарајќи на прашањето за реакцијата на Кремљ на обвинувањата на Маја Санду во врска со наводното мешање на Русија во изборите во недела и нејзината изјава дека „криминални групи во таа земја работат со странски сили“.

Прво, не кажува за што точно зборуваме. Второ, тоа е прилично сериозно обвинение против истите тие криминални групи и некакви докази мора да се презентираат во јавноста. Односно, ако каже дека не добила гласови поради одредени криминални групи, мора да обезбеди докази за тоа“, рече песков.

Тој додаде дека би било добро Санду да го објасни бројот на гласовите на оние кои не гласале за неа. „Дали и тие се криминални групи или таа мисли дека граѓаните на Молдавија кои не ја поддржуваат се поврзани со криминални групи“, праша Песков.

На референдумот за пристапување на Молдавија во Европската унија, што се одржа во неделата, според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија, по обработката на 98,38 отсто од гласачките материјали, 50,07 отсто од гласачите се изјасниле за евроинтеграции.

На претседателските избори одржани истиот ден, според прелиминарните податоци по обработката на 98,51 отсто од гласачките материјали, најмногу гласови добила актуелната шефица на државата Маја Санду со 42,07 отсто од гласовите. Кандидатот на Социјалистичката партија, Александар Стојаногло, кој беше разрешен од функцијата јавен обвинител на Молдавија, е на второ место со 26,27 отсто од гласовите и се пласираше во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 3 ноември.

Првиот круг од претседателските избори во Молдавија се одржа на 20 октомври, со излезност од 51,67 отсто од запишаните избирачи.

Санду се залага за интеграција во ЕУ, а опозицијата ја обвинува за раскинување на врските со Русија и за предавство на националните интереси. Поранешниот јавен обвинител Александар Стојаногло, кој е поддржан од опозициската Социјалистичка партија, смета дека односите на Молдавија со ЕУ не треба да му наштетат на традиционалното партнерство со Русија и ЗНД во целина. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан