Песков: Преговорите за стратешка стабилност не можат да се водат без Европа
- „Понатамошните преговори за стратешка стабилност можат да се водат само со почитување и учество на Велика Британија и Франција, односно европските нуклеарни сили. Без тоа, во сегашните околности, водењето какви било преговори е апсолутно невозможно“, изјави Песков пред новинарите.
Москва, 4 март 2026 (МИА) - Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитирј Песков, денеска изјави дека плановите на Германија за соработка со Франција за нуклеарно оружје потврдуваат дека не е можно да се водат преговори за стратешка стабилност без Европа.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделникот соопштија дека двете земји формирале заедничка група за нуклеарните прашања.
„Овие зборови дополнително ја потврдуваат исправноста на ставот на руската страна, која тврди дека понатамошните преговори за стратешка стабилност можат да се водат само со почитување и учество на Велика Британија и Франција, односно европските нуклеарни сили. Без тоа, во сегашните околности, водењето какви било преговори е апсолутно невозможно“, изјави Песков пред новинарите.
Тој нагласи дека нуклеарното одвраќање останува камен-темелник на глобалната безбедност и дека е многу важно.
Макрон претходно изјави дека Франција влегува во период на „напредно нуклеарно одвраќање“.
Според новиот пристап, Париз ќе го зголеми бројот на нуклеарни боеви глави, а европските земји ќе можат да учествуваат во заеднички вежби за одвраќање.
Според Макрон, осум земји веќе се согласиле да се приклучат на дијалогот за соработка во нуклеарното одвраќање. сд/јт/
Фото: МИА архива