• вторник, 26 ноември 2024

Песков: Обезбедувањето западно оружје за Украина за напади врз Русија ќе има последици

Песков: Обезбедувањето западно оружје за Украина за напади врз Русија ќе има последици

Москва, 6 јуни 2024 (МИА) - Кремљ денеска предупреди дека обезбедувањето западно оружје за Украина “ за напади на руска територија „не може да остане без последици.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска соопшти дека изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за можна испорака на руско оружје со висока прецизност во други земји дава дополнителна претстава за неизбежните последици од испораката на такво западно оружје на Украина, пренесоа руските медиуми.

-Ова е многу важна изјава, во која јасно се кажува дека снабдувањето со оружје кое ќе нѐ гаѓа нас не може да остане без последици и тие последици секако ќе се случат, изјави Песков.

Тој одби да ги именува регионите или конкретните земји на кои Москва може да испрати такво оружје, истакнувајќи дека „претседателот (Путин) го кажа тоа што сакаше да го каже“.

-Овде сè е кристално јасно и затоа не треба никакво појаснување, додаде Песков.

Путин во текот на вчерашниот разговор со главните уредници на странските медиуми  кажа дека Москва го разгледува прашањето за асиметричен одговор на испораките на високопрецизно западно оружје во Украина за напади на руска територија.

-Ако некој мисли дека е можно такво оружје да биде доставено во борбената зона за да ја погоди нашата територија и да ни создаде проблеми, тогаш зошто немаме право да го доставуваме нашето оружје од иста класа во тие региони во светот , каде што ќе бидат извршени напади врз чувствителните објекти на оние земји кои го прават тоа во однос на Русија, рече рускиот претседател.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан