• сабота, 23 ноември 2024

Песков: Не ја гледаме смислата на мировната конференција во Швајцарија без учеството на Русија

Песков: Не ја гледаме смислата на мировната конференција во Швајцарија без учеството на Русија

Москва, 2 мај 2024 (МИА) – Русија денеска реагираше дека не ја гледа поентата на мировната конференција за Украина што Швајцарија ја планира за средината на јуни, на која Москва не е поканета. 

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во овој момент“ Русија не е меѓу 160-те поканети делегации, додавајќи дека е отворена за нејзиното учество, но дека Москва не е заинтересирана. 

Берн ја најави средбата  уште во јануари, наведувајќи дека тоа го прави на изричито барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска истакна дека Москва не ја смета оваа иницијатива за веродостојна. 

-Не разбираме каква пресвртница би била таа мировна конференција, изјави Песков. „За каква конференција зборуваме, за каква сериозна конференција со сериозни очекувања дека ќе има некакви резултати, без учество на Русија?, додаде тој.

„Тоа е целосно невозможно и јасно е дека тоа е некаква иницијатива која не е фокусирана на резултати“, заклучи портпаролот на Кремљ.

Швајцарската влада соопшти дека „мировниот процес не е можен без Русија. Украина, од друга страна, ги доведува во прашање придобивките од руското учество на состанокот што ќе се одржи во близина на градот Луцерн.

-Знаеме дека нема смисла да се има Русија на маса ако не можете да се осигурате дека таа ќе дејствува со добра волја, изјави шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба минатата недела во интервју за магазинот „Форин полиси“. 

Кулеба смета дека создавањето дополнителен притисок на Русија на бојното поле и обединувањето на државите „кои делат исти принципи“ ќе и помогнат на оваа земја да биде подготвена да учествува во дијалогот. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан