• недела, 24 ноември 2024

Перформанс „9“ - порака од уметниците за здравје, мир и благосостојба

Перформанс „9“ - порака од уметниците за здравје, мир и благосостојба
Скопје, 9 февруари 2021 (МИА) - Македонски писатели, ликовни уметници, спортисти, универзитетски професори, актери и други уметници денеска во клубот „9“ во Скопје учествуваа во перформанс во кој преку симболиката на бројот 9 испратија заедничка молитва за благосостојба и позитивни мисли за подобар свет, мир и здравје. Перформансот го отвори авторот Гоце Ристовски, кој во своето обраќање зборуваше за симболиката на бројот 9. Тој посочи дека доколку осмицата ја свртиме надолу односно легната, ќе го добиеме знакот на бесконечност, па според симболиката, како што појасни, бројот осум во суштина е самиот Бог. Но, додаде, бројот 9 е нешто сосема друго. Бројот 9, според авторот, означува крај на едно нешто, на еден свет, на еден живот, почеток на нешто друго. Токму затоа преку овој број, учесниците испраќаат порака за почеток на убави и позитивни мисли, здравје и благосостојба. - Бројот 9 го имаме како мотив во многу наши народни песни, па и во уметничка поезија, но некои некако не ни е доволно јасно од каде потекнува и што тоа значи. Симболиката која што е сместена и во речникот на симболите вели дека бројот 9 е последниот едноцифрен број. По него следува десетката. Тоа значи дека бројот 9 означува крај на едно нешто, на еден свет, на еден живот, почеток на нешто друго, пософистицирано и се надеваме и подобро, додаде Ристовски. Хармонијата со бројот 9, додава Ристовски, е и во тоа што небото го чуваат девет ангелски хорови, мајката го носи плодот 9 месеци, а потоа тој преминува во еден друг сосема поразличен свет. - Данте пееше за 9 кругови на пеколот, Бетовен напиша 9 симфонии во кои што деветта е Одата на радоста, еден хвалоспев на животот и радоста на живеењето, па оттука е таа голема симболика на бројот 9. Тој означува крај на едно нешто и почеток на друго, посочи авторот во обраќањето. Тој посочи оти се надева дека и со овој скромен уметнички научен перформанс ќе испратат позитивна енергија, позитивни мисли за подобар свет, мир и за здравје и благосостојба, а по идеја на ликовниот уметник Живко Поповкси Цветин, кој исто така учествуваше на настанот, пуштија балони кои беа во клубот, како една мисија и порака. Ликовниот уметник Живко Поповски кој има нацртано и подарено над 40 цртежи, а исто така и долги години бил дел од Црвениот крст на Македонија, на овој настан наслика „цветни деветки“ и чаши со „златна деветка“ за секој од учесниците во проектот. Учесниците во перформансот на крајот пуштија и девет балони насликани со цвеќиња како порака за мир, меѓусебно разбирање и почитување во светот. Во перформансот учествуваа и актерите Благоја Чоревски и Мето Јовановски, професорот Мишо Нетков, меѓународниот шаховски мајстор Димитар Илиевски, музичарот и актер Ључо Ангелов, некогашните убавици (Мис) Лидија Велковска и Емилија Розман, дипломатот Љупчо Арсовски, музичките легенди Вики Среброва и Драган Мијалковски, писателот и театролог Тодор Кузманов, метерологот Љупчо Николовски, мајсторот на уметничка фотографија Љупчо Илиевски и новинарката Елизабета Кузмановска. Манифестацијата се одржа под покровителство на Лајонс клубот „Вардар“. бт/сп/

Остани поврзан