• среда, 25 декември 2024

Перински: Ќе мора да работиме системски за да профункционира градот Скопје

Перински: Ќе мора да работиме системски за да профункционира градот Скопје

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Следната година ќе мораме да работиме системски за да профункционира градот Скопје и да почне од нула, а потоа да почнеме и да го градиме, порача денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински.

- Во суштина Скопје е град на солидарноста, но мизерно e што една метропола се доведе во ситуација да пука по сите шевови, а градскиот превоз е само еден од нив. Станува збор за неофицијална изјава од град Белград. Да почекаме што ќе се случи, па ќе донесеме конкретен став, рече Перински во одговор на новинарско прашање за коментар за најавената донација од 100 користени автобуси од Белград за градот Скопје, на денешната Платформа: 100% посветени за тебе - „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“ што се одржа во Владата.

Проблеми, како што кажа, Скопје има и со отпадот, со зеленилото, со депонијата Дрисла.

- Жал ми е што сме доведени во ситуација градот Скопје да не може сам да си ги сервисира обврските. Ова не е проблем кој што е настанат од вчера и не е настанат откако оваа Влада стапи на функција, туку е проблем за кој говоревме многу подолго време во јавноста дека ќе се случува. Загрижен сум што во моментов обврските на градот Скопје кон добавувачите се околу 8 милиони евра, а неофицијални информации ми потврдуваат дека Водовод и канализација должи околу 15 милиони евра, Комунална хигиена околу 6 милиони евра, Улици и патишта 3,5 до 4 милиони евра, а за ЈСП нема жив човек на светот што може да го пресмета долгот, истакна Перински.

Во одговор на прашање рече дека не може да се каже колку точно пари ќе се потрошат до крајот на годинава за големите инфраструктурни проектите во општините што планира да ги финансира централната власт.

- Одлуките за избор кои проекти ќе бидат финансирани треба да се објават на веб страниците на ресорните министерства. Тие пред ден два поминаа и се објавени во службено гласило. Сепак, не може да се каже колку точно ќе се потрошат до крајот на годинава зашто имаме голем диспаритет помеѓу проектите – имаме мали проекти, но имаме и огромни. Покрај тоа, во некои локални самоуправи зимата доаѓа многу порано отколку во другите и нема да може да се работи. Како и да е во суштина како централна власт ги имаме преземено тие обврски. Дали ќе се потрошат парите до 31 декември или ќе се пренесат за следната година тоа апсолутно не треба да ја загрижува локалната самоуправа. Тие секако имаат обврски кои треба да ги сработат после потпишувањето на договорите и да направат измена во нивните програми и да ги направат потребните ребаланси за да можат да тендерираат, порача Перински.

Очекуваме, додаде, за 20 до 30 дена овие процеси во целост да бидат завршени и да се објават првите јавни набавки кои ќе бидат финансирани со поддршка од централната власт и дека до крајот на ноември ќе има некаде поставување камен-темелници.

Првиот вицепремиер Изет Меџити, пак, посочи дека и Министерството за животна средина и просторно планирање има кредит од ЕИБ во вредност од околу 50 милиони евра што главно се однесува на подземна инфраструктура.

- Очекуваме до крајот на годинава 10 милиони евра од овие средства да се поделат по различни основи на општините. И таму ќе има тендерирање за решавање на реални проблеми на граѓаните со што бројката се качува на околу 150 милиони евра поддршка за локалната самоуправа само во првата година од владеењето на новата Влада, рече Меџити.

Очекувам, посочи, тоа да биде поттик и за ЗЕЛС, кој е невладина организација и има сила само кога има унифициран глас на сите општини, и да го поздрави.

- Би ги сфатил ако бараат ова да не биде само добра волја на владата, туку да биде системско решение и да не зависи од наредните влади, истакна Меџити. вј/ев/

Фото: Принтскрин  

    

Остани поврзан