• четврток, 26 декември 2024

Перински - Улман: Швајцарија е голем поддржувач на локалниот и регионалниот развој

Перински - Улман: Швајцарија е голем поддржувач на локалниот и регионалниот развој

Скопје, 19 јули 2024 (МИА) - Владата на Швајцарија е голем поддржувач на локалниот и на регионалниот развој, а соработката треба да продолжи за да се обезбеди уште подинамичен, одржлив и инклузивен развој, беше речено на денешната средба на министерот за локална самоуправа Златко Перински со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман. 

На средбата беше истакнато и дека поддршката на швајцарската Влада во областа на локалната самоуправа и регионалниот развој се реализира преку два големи проекта што се исклучително важни за имплементацијата на политиките и за реализацијата на конкретни инфраструктурни проекти во сите осум плански региони.

Перински нагласи дека е важно соработката да продолжи, зашто Владата, како што рече, е особено фокусирана на развојот на општините и на планските региони, за што се обезбедуваат и дополнителни средства во централниот буџет. Во таа смисла беше нагласено дека преку соработка може да се обезбеди уште подинамичен и одржлив развој, согласно потребите и приоритетите на граѓаните.

На состанокот се разговараше и за продолжување на процесот на заедничка координација на активностите за дигитализација на локалните услуги, во којшто Министерството за локална самоуправа и Амбасадата на Швајцарија се двата водечки партнери.

Министерот Перински истакна дека дигитализацијата е приоритет на Владата, формирано е и посебно Министерство за дигитална трансформација, а Министерството за локална самоуправа ќе ги интензивира работите за поефикасно и системско дигитализирање на локалните услуги со вклучување на сите општини, во тесна соработка со надлежното министерство, со општините и со Град Скопје, како и со донаторската заедница. мч/дма/

фото: Министерство за локална самоуправа

Остани поврзан