• четврток, 26 декември 2024

Пенов: Природните катастрофи не зависат од нас, но можеме да влијаеме на минимизирање на последиците

Пенов: Природните катастрофи не зависат од нас, но можеме да влијаеме на минимизирање на последиците

Скопје, 16 мај 2023 (МИА) - Природните катастрофи најчесто не зависат од нас, ретко кога можеме, особено ние помалите држави, да влијаеме на нивниот тек. Но, сите заедно имаме одговорност да градиме систем на мерки кој нашите држави и локални заедници ќе ги направи поотпорни во однос на последиците, истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната регионална конференција организирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) „Подготвеност за земјотреси и урбана отпорност“.

Министерот Пенов подвлече дека со оглед на тоа дека не можеме да влијаеме на причината, сигурно може да влијаеме на минимизирање на последиците, но, како што рече само преку изграден систем на мерки кои безусловно ќе ги почитуваат сите.  

- Секоја отстапка може да биде платена со човечки живот, а човечкиот живот нема цена, додаде министерот за локална самоуправа.

Тој потсети дека пред 60 години, кога на 14 октомври 1963 година Генералното собрание на ОН едногласно усвои Резолуција за давање помош за реконструкција на тогаш, скоро целосно разурнатото Скопје.

- По Резолуцијата на Обединатите Нации, 85 нации од светот учествуваа во директната помош за обнова на Скопје. Со право Скопје го носи епитетот „град на светската солидарност”. Скопје не заборава. Затоа ги имаме улиците Хелсиншка, Каирска, Осло, основното училиште Јохан Хајнрих Песталоци и други, простете ако не се сетив на сите, рече Пенов.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, смета дека безбедноста и сигурноста во секој поглед ќе ја обележува насоката во која треба да се движиме во следните 60 години.

- Затоа, во овој момент сметам дека најстратешкиот документ којшто треба да се изготви за градот Скопје, тоа е Генералниот урбанистички план кој треба да детектира на кој на начин да ги ставиме рамките за како да имаме посигурен и побезбеден град за секој од нас, меѓутоа и град којшто ќе биде и поотпорен и град којшто ќе понуди хумано живеење, истакна Арсовска.

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП за Европа и Централна Азија, Марина Валтер, осврнувајќи се на неодамнешните земјотреси во Турција и Сирија, но и во Албанија, Хрватска, Узбекистан, Ерменија, односно во целиот регион, рече дека тие не потсетуваат колку е битно да се инвестира во урбана отпорност и во борбата со ризиците од катастрофи.

Извршниот координатор на Организацијата на волонтери на ОН, Тоили Курбанов, пак, истакна дека со имињата на улиците од многу градови од светот, Скопје е знак на ОН и дека го носи наследството на Светската организација, како и на волонтерите кои биле на прва линија да одговорат на последиците од земјотресот во 1963 година.

Тој ја нагласи и важноста на волонтерите кои иако не можат да нудат сеопфатни решенија, се првите кои помагаат по случувањето на природни катастрофи, им  даваат надеж на луѓето и дека тоа претставува една голема и незаменлива солидарност во светот. 

Во организација на Програмата за развој на Обединетите нации, на конференцијата  учествуваат над 30 регионални експерти од областа на урбаното планирање, архитектурата, како и професионалци кои работат во областа за спречување катастрофи. сх/са/

Фото: МИА

Остани поврзан