Пензионерките од Центар ги учат учениците на велигденските обичаи и семејните вредности
- Во пресрет на Велигден пензионерките од „Активот на жени“ на едукативно-креативна работилница во ООУ „Киро Глигоров“ ги учеа седмодделенците за велигденските обичаи, вапсувањето јајца и подготовките за големиот празник како дел од часот по домаќинство.
Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Во пресрет на Велигден пензионерките од „Активот на жени“ на едукативно-креативна работилница во ООУ „Киро Глигоров“ ги учеа седмодделенците за велигденските обичаи, вапсувањето јајца и подготовките за големиот празник како дел од часот по домаќинство.
Како што соопштуваат од Општина Центар, на настанот присуствувал и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
- Бев сведок на прекрасна атмосфера, каде што младите учеа од повозрасните за нашата богата традиција во пресрет на Велигден. Радоста и ентузијазмот беа големи и кај учениците и кај нашите пензионерки. Ваквите проекти сплотуваат генерации. Повозрасните се чувствуваат корисни, а младите се запознаваат со обичаите - рече Герасимовски.
Општина Центар - Скопје, во рамките на проектот „Застапеност на своевремениот наставен предмет домаќинство во образовниот процес“, веќе втора година организира работилници за учениците од седмите одделенија од сите општински основни училишта.
Заедно со пензионерките, учениците совладуваат практични вештини, како готвење, месење колачи, шиење, кроење, плетење и везење, како и активности за уредување на домот.
Работилниците се одржуваат во сите осум основни училишта и во Здружението на пензионерите на општина Центар.
Целта на проектот е учениците да ги прифатат и практикуваат позитивните вредности застапени во наставното градиво од изборниот предмет „Вештини на живеење“. ар/нд/
Фото: Општина Центар