• недела, 24 ноември 2024

Пензионерите од Крива Паланка и Ранковце на регионални спортски игри во Куманово

Пензионерите од Крива Паланка и Ранковце на регионални спортски игри во Куманово
Крива Паланка, 23 август 2021(МИА) - Членовите на Здруженијата на старосни пензионери и пензионери инвалиди на трудот од општините Крива Паланка и Ранковце се подготвуваат за учество на годинашните регионални пензионерски спортски игри што ќе се одржат на почетокот на следниот месец во Куманово.

-Се подготвуваме интензивно речиси околу еден месец, работиме и вежбаме на отворено, на спортските терени на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, зграда Партизан, додека колегите од Ранковце тренираат во дворот на ООУ „Х.Т. Карпош“. Имаме тимови во слободни фрлања на кош и шут на гол, ќе се натпреваруваме и во машка и во женска конкуренција. Секој тим го сочинуваат четири натпреварувачи, од кои едниот е замена. Тимовите имаат и одредено свои капитенот. Дел од учесниците ќе настапат првпат, но меѓу нив имаме и искусни натпреварувачи, со освоени медали во конкуренција во која настапуваат или во други спортски дисциплини, информираат од Здружението на старосни пензионери на Крива Паланка и Ранковце.

Победничките екипи од регионалните ќе остварат пласман на Републичките спортски пензионерски игри што годинава ќе се одржат во Велес.

Поради Ковид-19 пандемијата ќе се реализираат спортски натпревари само на отворено, такви во кои контактот помеѓу учесниците е сведен на минимум.

Здружението на пензионери од овие две општини веќе има освоено медали во слободни фрлања, како и во пикадо, а Катица Борисовска беше и пикадо мајстор на Република Северна Македонија. ид/ки/

Остани поврзан