• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: Широкиот фронт на поддршка е обврска за извојување на нова победа

Пендаровски: Широкиот фронт на поддршка е обврска за извојување на нова победа

Скопје, 3 март 2024 (МИА) - Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа, порача вечерва актуелниот претседател Стево Пендаровски, откако доби поддршка за кандидатура за втор мандат на Конгресот на СДСМ. 

Прес тимот „Претседател за сите“ на Пендаровски соопшти дека со одлуката на Конгресот, се заокружува широкиот фронт на поддршка од политички субјекти и граѓани за кандидатурата за втор мандат за претседател.

-На вечерашниот конгрес Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврди својата поддршка за мојата кандидатура за втор мандат.  Им благодарам на укажаната доверба.  Во изминатите денови добив јавна поддршка за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат. Денеска многу граѓани со своите потписи ја дадоа поддршката и за само неколку часа ги собравме над потребните 10 000 потписи, наведува Пендаровски во пишана изјава. 

Тој  се заблагодарува за поддршката и истакнува да се работи на создавање општество во кое ќе се цени секој потенцијал.

-Да продолжиме да работиме на создавање отворено, креативно, иновативно и демократско општество во кое ќе има место за секој, каде сечиј потенцијал ќе се цени и секој ќе добие можност да успее тука, дома. Ви благодарам на сите за поддршката. Продолжуваме заедно!, подвлекува Пендаровски. 

Претходно во обраќање пред делегатите на Конгресот, истакна дека очекува двојна победа на СДСМ и на претседателските и на парламентарните избори. - Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив, рече Пендаровски, упатувајќи критики за политичкиот опонент ВМРО-ДПМНЕ.

 Оцени дека анкетите на опозициската партија се лажни и оти таа нема став за ниту едно клучно прашање за државата.

-Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време  се променети, наведе Пендаровски, кој доби едногласна поддршка од 706 делегати на Конгресот на СДСМ.лв/

фото: медиа Претседател за сите.

Остани поврзан