• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: Соживотот е наша најголема вредност, а Ифтарската вечера е можност за негово продлабочување

Пендаровски: Соживотот е наша најголема вредност, а Ифтарската вечера е можност за негово продлабочување

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Соживотот е наша најголема вредност, а Ифтарската вечера е можност за негово продлабочување. Тој не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата, како што соопштија од кабинетот на претседателт, присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор.

-Најсветиот месец во Исламот, Рамазан, е време за духовно закрепнување, за обновување на релациите со роднините и пријателите, но и за милост и солидарност кон немоќните. Како што рамазанскиот пост е лично искушение на внатрешно преиспитување на поединецот, така Ифтарската вечера е заеднички чин на социјална правда бидејќи подразбира правење место на трпезата и за оние кои имаат помалку. Тоа е особено важно во време на глобални кризи кои најмногу ги удираат најранливите и најсиромашните. Но, освен за продлабочување на верата во животот на верникот, Ифтарската вечера е и можност за продлабочување на соживотот во македонското општество, посочи претседателот Пендаровски.

За нашите предци, додава тој, немало поголема чест од тоа, некој со различна вера од нивната, да ги покани на празнична трпеза.

-Кога муслиман кани на Ифтар, или кога христијанин подарува велигденско јајце, тоа е начин да каже дека ја почитува твојата различност и те прифаќа таков каков што си. Тоа го правиме и ние вечерва. Изминативе години и јас бев почестен од многу наши сограѓани ─ муслимани кои ги отворија своите домови и од срце ја споделија со мене и со моите соработници својата трпеза. Споделувајќи ја храната, ние ја споделуваме и човечноста и низ муабетот се потсетуваме дека различниот од нас е човек подеднакво вреден како нас, со слични или идентични животни таги и радости, рече Пендаровски.

Точно е, вели тој, дека имаме различни вери, одиме во различни храмови, читаме различни свети книги. Но, потенцира Пендаровски, она што нè поврзува е меѓуетничкиот и меѓурелигиски соживот како наша најголема вредност која мораме да ја чуваме и околу тоа нема да правиме компромис.

-Соживотот не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години. Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина Македонија. Затоа сме вечерва тука, да кажеме дека нема да дозволиме провокации и тензии на таа тема. Тука сме да дадеме пример за сите наши граѓани, дека можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верските убедувања, како што било од памтивек. Дозволете, уште еднаш, да ви посакам лесен пост и, во пресрет на Рамазан Бајрам, да ви го честитам големиот празник. Имајте пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет, рече Пендаровски.

Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи на ифтарската вечера ја одржа завршната молитва. вг/nd/

Фото: Кабинет на Претседателот

 

Остани поврзан