• недела, 20 октомври 2024

Пендаровски се сретна со ученици, добитници на медали на 29-та Балканска олимпијада по информатика

Пендаровски се сретна со ученици, добитници на медали на 29-та Балканска олимпијада по информатика

Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими тимот ученици кои постигнаа значајни успеси на 29-тата Балканска олимпијада по информатика што се одржа во Букурешт, Романија.

На олимпијадата учествуваа информатичари кои се издвоиле како најдобри на годишните национални натпревари во програмирање реализирани во 12 балкански држави. Во неофицијална конкуренција, пак, како претставници на земји гости, учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија.

Во оваа исклучително сериозна конкуренција составена од 42 талентирани средношколци, сребрениот медал го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека пак бронзениот медал му припадна Тео Китановски од Скопје. Во рамки на балканската олимпијада, на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир, меѓу 168 натпреварувачи од 16 држави, Благојче Павлески се закити со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.

Учениците го запознаа претседателот Пендаровски со нивните импресии од годинашната олимпијада, споделувајќи ги стекнатите искуства произлезени од комуникацијата со другите натпреварувачи во Романија.

Упатувајќи честитки до информатичарите, претседателот Пендаровски нагласи дека нивниот индивидуален и тимски успех е гордост за целата држава, но и поттик за сите млади луѓе да го следат својот сон и да се стремат кон слични подвизи. Во тој контекст ја нагласи важноста на ваквите меѓународни натпревари, коишто се одлична можност да се промовира квалитетот и исклучителната посветеност на младите од Република Северна Македонија, соопшто кабинетот на шефот на државата.

БОИ 2022 се одржа во организација на  Здружението за извонредност и изведба во информатиката и Министерството за образование на Романија. Учеството на македонските информатичари на годинашната олимпијада беше логистички поддржано од страна на кабинетот на претседателот Пендаровски.са/

Остани поврзан