• среда, 18 декември 2024

Пендаровски се надева на гласовите од сите етнички заедници, Силјановска Давкова на победа со разлика од три спрема еден

Пендаровски се надева на гласовите од сите етнички заедници, Силјановска Давкова на победа со разлика од три спрема еден

Скопје, 6 мај 2024 (МИА) - Претседателските кандидати кои ќе се соочат во вториот круг од изборите за претседател на државата Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова вечерва ги соочија аргументите на последната трета претседателска дебата.

Во однос на очекувањата од вториот круг што ќе се одржи в среда, на 8 мај заедно со парламентарните избори, Пендаровски кажа дека е единствениот кандидат на овие избори кој претендирал да добие гласови од сите етнички заедници и ги очекува гласовите од кандидатите кои не влегоа во вториот круг, околу 330.000, бидејќи според негова проценка на идеолошките и политичките профили на овие гласачи им е поблизок концептот што тој го застапува. Силјановска, пак, очекува разликата во однос на Пендаровски да се зголеми на три спрема еден и да ги добие гласовите и од оние кои не гласале во првиот круг, но и од жените.

- За првпат имавме седум кандидати во македонската политичка историја по промените на системите и по осамостојувањето. Сме имале со шест, со пет, со три. Сега имавме за првпат двајца албански кандидати кои главно претендираа на гласовите на етничките Албанци и имавме и петмина други меѓу кои бев и јас. Јас тврдам и тогаш и сега дека сум единствениот кој претендираше да добие гласови од сите етнички заедници бидејќи тоа го направив и во 2019, а и во 2014 во мојот прв обид кога не успеав. Имав една значајна бројка на албански гласови и на гласови од другите етнички заедници кои беа диспропорционално со она што значи чист етнички кандидат, кој како сака нека го дефинира, рече Пендаровски.

За Силјановска пак на овие избори поважна од етничката определба е опозициската определба, која вели, постои не само на страната на партиите во кои доминираат македонски гласачи, туку и во рамките на албанските партии. Го повтори ставот дека цензусот од 40 проценти е антиевропски бидејќи доведува до политички пазарења и уцени.

- Антиевропска замка е овој изборен праг од 40 проценти и веќе неколку пати ме опоменуваат оние кои на патот кон евроинтеграциите ќе ги испитуваат не само законите, туку и однесувањата, дека треба да го тргнеме овој изборен праг бидејќи тој апсолутно не обединува, напротив разединува односно доведува до политички пазари, уцени кои се закануваат по граѓанскиот глас да биде супституиран. Слушаме деновиве за притисоци особено во една населба што навистина не е добро. Она што јас мислам дека оди во мој прилог е тоа што секогаш луѓето кои не се определуваат, особено во вакви средини, во вториот круг попрво гласаат за оној кој има поголема разлика во гласовите, а јас таква имам, потенцира Силјановска.

Таа потсети и на изјавата на лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски кој јавно обзнани дека ќе го даде својот глас за нејзе и очекува тоа да инспирира и други од неговата партија да гласаат за неа.

Во однос на можноста за бојкот на претседателските избори, Пендаровски кажа дека бојкот не треба да има и очекува да биде надминат цензусот од 40 проценти.

За да бидат успешни претседателските избори треба да гласаат 40 отсто плус еден или над 725 илјади од вкупно запишаните 1.814.317 гласачи. вг/бак/ 

Фото: Принтскрин

Остани поврзан