• недела, 24 ноември 2024

Пендаровски: Само врз база на солидарност може да се решаваат предизвици што го мачат човештвото

Пендаровски: Само врз база на солидарност може да се решаваат предизвици што го мачат човештвото

Скопје, 15 мај 2023 (МИА) - Само обединет, солидарен и отворен свет може да одговори соодветно на глобалните предизвици кои стануваат сè покомплексни и за жал, сè поопасни. Наша обврска кон сегашните и идни генерации е да поставиме соодветни услови за напредок и развој и низ сопствени примери да етаблираме морални вредности врз кои е единствено можен подобар свет, порача денеска претседателот Стево Пендаровски за време на промоција на публикацијата „Солидарност - од надминување кризи до одржлив развој“.

Публикацијата е подготвена од страна на канцеларијата на Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) во Скопје, преку Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС).

Содржи тринаесет авторски трудови на тема солидарност и е изработена по повод одбележувањето на 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, со цел поттикнување на јавната дискусија околу важноста на солидарноста во развојните цели и градењето на отпорни општества.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање денеска го потенцираше значењето на солидарноста. Како што посочи, само врз база на солидарност може да се решава прашањето на климатските проблеми, како и многу други комплексни предизвици што го мачат човештвото.

-Пред шест децении,  тогашниот свет, целосно идеолошки поделен, се сплоти во поддршката на еден град разурнат од огромна природна катастрофа, и на дело го покажа значењето на интернационалната солидарност и целисходноста од постоењето на Обединетите нации и системот на поддршка кој тие го имаат. Свежи во сеќавањата ни се и последните примери со разорните земјотреси во Турција и Сирија и важноста на солидарноста што во таа прилика повторно ја покажа светот, но, и бројни држави, невладини организации и совесни поединци. Без солидарност многу потешко ќе ја пребродевме и Ковид пандемијата, само врз база на солидарност може да се решава прашањето на климатските проблеми, како и многу други комплексни предизвици што го мачат човештвото, рече Пендаровски.

На настанот се обратија Марина Валтер, заменичка на регионалната директорка на УНДП за Европа и Централна Азија, Владимир Десков, ко-автор на есејот „Изградба на градот на солидарноста“, кој се осврна на пост-земјотресната обнова на Скопје од архитектонски аспект и Ненад Марковиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), кој ги образложи темите, целта и подготовката на публикацијата.

Според Марина Валтер, заменичка на регионалната директорка на УНДП, она што нè дефинира како цивилизација во клучни моменти, кога го даваме најдоброто од нас, е солидарноста.

-Драго ми е што УНДП го предводи процесот за одбележувањето на 60 години од земјотресот во Скопје со серија настани како овој денеска, со Претседателот на државата. Скопје, градот на солидарноста го знае тоа најдобро. Во публикацијата што ја презентираме денеска изработена од активисти, експерти, студенти, професори и млади луѓе, не само што се нагласува важноста на солидарноста од повеќе аспекти, туку и се отвора една визија за иднината, како да се продолжи напред, порача Валтер за време на промоцијата на публикацијата.

Во рамки на настанот, на авторите на публикацијата им беа врачени благодарници од страна на Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава.бт/са/

Остани поврзан