• недела, 24 ноември 2024

Пендаровски прими претставници на Регионалната канцеларија за младинска соработка

Пендаровски прими претставници на Регионалната канцеларија за младинска соработка
Скопје, 4 ноември 2020 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

На средбата, како што соопшти претседателскиот Кабинет, претставниците на Канцеларијата го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности во регионот на Западен Балкан, како и за нивните натамошни проекти со цел зголемено учество на младите во процесите на одлучување во сите сфери на општественото живеење.

Во таа насока, претставниците на RYCO го запознаа претседателот со нивните препораки за подобрување на состојбата со младинското учество во регионот во услови на глобална пандемија на Ковид-19, како и за состојбите на младинското учество во Северна Македонија. Потребата од усовршување на дигиталното образование, поддршка и грижа за менталното здравје на младите, поттикнување на претприемништвото, беа посочени како дел од предизвиците со кои се соочуваат младите, за кои е потребна поголема институционална поддршка, се наведува во соопштението.

Пендаровски ги поздрави иницијативите на RYCO и истакна дека е од големо значење во време на социјална изолација, младите и понатаму да се мотивираат и да соработуваат преку заедничко учество во програми, кои имаат за цел регионална соработка и креирање на политики за справување со последиците кои произлегуваат од пандемијата.

Во тој контекст, шефот на државата ја рефирмираше неговата целосна поддршка за надградување на севкупното образование на младите преку нивно вмрежување, а со цел изнаоѓање на практични и инвентивни решенија за предизвиците од новото време и подготовка за пост-ковид светот. Притоа, на средбата беа разменети мислења околу можностите за промоција на целите на RYCO преку соработка и реализација на заеднички проекти со Претседателскиот центар за политичко образование и со МладиХАБ – дигитална младина”.

Регионалната канцеларија за соработка со млади е основана од учесници од земјите на Западен Балкан -  Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, со цел да го промовира духот на помирувањето и соработка помеѓу младите во регионот преку програми за размена на млади. нд/сп/

Тагови

Остани поврзан