• четврток, 26 декември 2024

Пендаровски прими македонски научници кои се меѓу најцитираните и највлијателните научници за 2020 година

Пендаровски прими македонски научници кои се меѓу најцитираните и највлијателните научници за 2020 година

Скопје, 22 декември 2020 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска прими дел од македонските научници коишто се на листата на најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области за 2020 година, публикувана од Универзитетот Станфорд oд САД.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата научниците го информирале Пендаровски за нивните научно-истражувачки активности, како и за перспективите и потенцијалите на областите во коишто секој од нив работи. На средбата биле разменети мислења и за низата предизвици коишто значително го усложнуваат неопходниот развој на науката и истражувачката дејност во земјава.

Упатувајќи честитки за импресивните достигнувања на нашите научници, претседателот Пендаровски ја нагласил потребата од зајакнување на соработката меѓу државните институции, науката и бизнис секторот, бидејќи развојот на секое општество е неминовно врзан со инвестирањето во образованието. Во тој контекст ја нагласил неговата лична заложба за промовирање и поддршка на проекти чија цел е поттикнување на научната и истражувачката работа кај младите.

Меѓу топ  најцитирани и највлијателни научници на светско ниво од сите области, се најдоа Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Леонид Грчев, член на МАНУ, Валентин Мирчески од Институт за Хемија од ПМФ - Скопје, Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки на Универзитетот Гоце Делчев -  Штип, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институт за Хемија од ПМФ - Скопје. На листата е и Ратко Јанев, член на МАНУ,  кој почина минатата година. Изборот е направен врз основа на опсежна анализа на релевантни индикатори како објавени трудови, цитираност, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување. дма/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан