• среда, 18 декември 2024

Пендаровски: Последниот документ што го потпиша, писмото до ЕУ, е политичкиот тестамент на Борис Трајковски

Пендаровски: Последниот документ што го потпиша, писмото до ЕУ, е политичкиот тестамент на Борис Трајковски

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - Во Националната опера и балет вечерва се одржа Комеморативен концерт по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и неговите соработници, под покровителство на Владата на Северна Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на комеморативниот концерт, кажа дека за покојниот претседател Борис Трајковски, членството на земјава во ЕУ бил приоритет над приоритетите.

-Последниот документ што го потпиша претседателот Трајковски, заедно со тогашниот премиер Црвенковски, беше барањето на Република Македонија за членство во Европската Унија. Тоа за него беше приоритет над приоритетите.
Трајковски беше свесен дека евроинтеграцијата е потфат што надминува еден мандат и дека целта не се постигнува само со формално усвојување на европското законодавство, туку со прифаќање на европските вредности, со промена на менталитетот на луѓето, со јакнење на граѓанскиот сектор, со независно и ефикасно судство, со функционални и отчетни институции, со владеење на правото. Со ставање на општото добро и на јавниот интерес пред личните и партиските интереси.

Тоа писмо до Европската Унија, додаде Пендаровски, е политичкиот тестамент на Борис Трајковски, меѓутоа, кажа тој, реализацијата на таа цел е задача на нашата генерација од која зависи дали, како што велеше „ќе одиме по патот на напредокот или ќе продолжиме со навиката да го крпиме животот од денес до утре, да чекаме проблемите да се решаваат сами или да ни ги решава некој друг“.

-Во најтешките моменти за државата, Борис Трајковски не беше сам. Со него беше и најголемиот дел на македонските граѓани, кои го избраа мирот наспроти војната, соживотот наспроти шовинизмот, простувањето, наспроти омразата. На Форумот на лидерите на Атлантскиот совет, тој рече: „Ниту една држава не може да опстане, доколку нејзините граѓани не ја сакаат и не ја почитуваат. Македонија ќе опстане, бидејќи граѓаните веруваа во неа“, рече Пендаровски.

За жал 20 години подоцна, оцени Пендаровски, ние се наоѓаме во нова, длабока криза, која не е воена, туку вредносна.

-Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање. Многу шанси беа пропуштени, многу време беше изгубено, европските интеграции се заглавени, а реформите успорени. Имаме партизација на институциите, етнизација на политиката и поделби по речиси секоја основа - граѓанска, етничка, политичка, генерациска. Раширената корупција ја обезвреднува правдата, го парализира системот, го шири цинизмот, им ја одзема перцепцијата на младите и им ја празни државата, додаде Пендаровски.

На комеморативниот концерт, под диригентство на Иван Еминовиќ, настапија солисти од Националната опера и балет - Сандра Митровска, сопран, Марика Поповиќ, мецосопран, Јаворка Витанова, солист од хорот, во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

На концертот беа изведени дека дела од В. А. Моцарт, Р. Леонкавало, Џ. Верди и Р. Аврамовски.

Настанот беше збогатен со видео и аудио содржина за која се употребени материјали од архивската документација на МРТВ - документарецот „Верувам во Македонија“, како и фото и видео материјали обезбедени од Фондацијата „Борис Трајковски“. нд/

Фото: Фејсбук страница на Стево Пендаровски

Остани поврзан