• вторник, 19 ноември 2024

Пендаровски: Ни треба сплотеност за влез во Европската Унија, но опозицијата влече назад

Пендаровски: Ни треба сплотеност за влез во Европската Унија, но опозицијата влече назад

Прилеп, 4 април 2024 (МИА) - Влезот во Европската Унија значи заокружување на стратешките цели, а со минимум слога и од опозицијата, лесно, за четити до пет години ќе станеме членка на ЕУ, рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски обраќајќи им се вечерва на прилепчани на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.

Перндаровски рече дека со влезот во ЕУ, достапни ќе бидат фондовите и полесно ќе се избориме со „белата чума“ – заминувањето на младите.

-Ако Македонија во догледно време не стане членка на Европската Унија, сами со свој потенцијал не ќе можеме тоа да го спречиме во поголем процент. Затоа, императивно е, на достоинствен начин, како што тоа го направивме во НАТО, да влеземе во ЕУ, а сите предуслови за тоа се тука, пред нас. Не треба ништо да си одземеме од тоа кои сме и што сме. Јазикот и идентитетот ни се гарантирани. Главната задача да ни биде да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме инвестициите, да направиме просечни плати од 1100 евра. Можно е во само еден мандат, ама ако не се глодаме меѓу себе. Ве уверувам дека овој концепт што го зборувам 10-ина години  е единствениот и исправен пат за Македонија. За жал, нашиве квазипатриоти од другата страна имаа поинакви планови, де факто, од различни мотиви, се сојузија со Бугарија, рече Пендаровски.

За него единствен страв на овие избори е што опозицијата, наместо заедништво и сплотеност, влече назад.

-Една опасност доаѓа од опозиционата страна и на тоа предупредувам. Говорам за главната опозициска партија која нуди враќање назад. Ниеден договор досега не им чини. И по 23 години сакаат да го менуваат Рамковниот договор. Им пречи името Северна Македонија, а не им пречат функционерските плати што ги земаат, рече Пендаровски.

Веднаш по изборите мора да се решат односите со Бугарија.

-Бугарската политика направи катастрофална грешка со нас, Македонците, и кон Македонија. За жал, нашиве таканаречени домашни патриоти, од свои причини, за да се дограбат до власта, а потоа ќе му ја мислиме, практично се солидаризираа и ги поддржаа напорите на таа наша сосетка која нѐ блокираше. Ние мораме да направиме сѐ, по овие избори тоа да го деблокираме, затоа што не ни се пишува добро ако самите се обидуваме, оваа бела чума, да ја спречиме. Децата овде може да просперираат само ако имаат пристојни услови за достоинствен живот, рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

Пендаровски очекува мобилизација за гласањето на 24 април.

-Дилемата е јасна. Понудите кои ги имате пред вас се како црно и бело. Поради нашата подобра иднина очекувам масовна мобилизација за гласање уште во првиот круг, на 24 април, зашто резултатот тогаш ќе ни каже кој ќе биде победник и на 8 мај, порача Стево Пендаровски на обраќањето пред прилепчани од плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп. ем/хс/

Фото: ФБ Стево Пендаровски, кандидат за претседател 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан