• среда, 13 ноември 2024

Пендаровски најави граѓанска кандидатура за втор претседателски мандат, очекува и СДСМ да ја формализира својата поддршка

Пендаровски најави граѓанска кандидатура за втор претседателски мандат, очекува и СДСМ да ја формализира својата поддршка

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција ја најави својата граѓанска кандидатура за втор мандат на претседателските избори.

Тој нагласи дека изминативе денови добил јавна поддршка за номинација за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои, вели, го познаваат но и не мал број од оние кои лично не го знаат,  заблагоидарувајќи за оваа пооддршка и дадената доверба.

-На 3 март в недела очекувам и СДСМ да ја формализира својата поддршка за мојата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направт и останатите 10-тина политички партии од таа коалиција. В недела ќе присуствувам на Конгресот на СДСМ за да им се заблагодарам на поддршката, а од понеделник натаму ќе имам средби со сите десетина партии кои ја најавија својата поддршка за мојата кандодатура, од кои ќе сакам да слушнам предлози што би можел да ги вградам во мојата изборна програма. Како што најавив, станува збор за граѓанска кандидатура, поради тоа ги повикувам сите граѓани почнувајќи  од 3 март, да дадат поддршка за мојата кандиатура со давање потписи во подрачните единици на ДИК, рече Пендаровски.

Првата и гллавна причина поради која се кандидира, вели, е тоа што зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка.

-Без ниту една корупциска афера, ниту еден случај на непотизам и судир на интереси поврзани со мене, моето семејство, роднини... Бев национален координатор и ги предводев преговорите за членство на Македонија во НАТО и во мојот прв мандат станавме членки на Алијансата. Очекувам во мојот втор мандат да станеме членка на ЕУ, вели Пендаровски.

Како друга причина за кандидатурата тој ги наведе неговите политики во сферата на меѓуетничките односи кои биле, како што вели, и ќе бидат столб на внатрешната стабилност и коехезија, на општество, подвлекувајќи дека не постои ниту еден единствен случај кога неговото етничко потекло како Македонец било причина некого да фаворизира или да деградира, а потврда е структурата на неговиот Кабинет и именувања што ги направил во рамките на своите уставни надлежности.

Тој додаде дека во изминатите пет години покажал и дека претседателот може да биде независен од кои било центри на политичка или економска мож во државата вклучително и од оние кои го поддржале на избори.

-Во нашава држава не постои човек или партија која може да каже дека ме контролира или ги диригира моите одлуки, рече Пендаровски.

Во однос на тоа дека постојат кандидати кои се залагаат или најавуваат или во минато најавувале ревизија или поништување на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, тој го повтори својот став дека ваквите најави се во функција на билдање на партискиот рејтинг.

- Договорот со Бугарија не беше спорен цели три години, истиот тој договор со истата содржина стана проблем кога Бугарија под притисок на својата стара комунистичка националистичка гарда почна да измислува причини за блокада кои инаку во самиот договор ги нема. Конечно тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка со ЕУ и ќе направи подобар договор со Бугарија се политичка фатаморгана. Исто како и најновата ингениозна идеја дека Договорот со Бугарија ќе го почитуваат, но во замена ќе бараат Софија да го промени нивниот Устав и пропратните закони. Меѓутоа ако некој успее да го направи тоа ќе бидам првиот кој јавно ќе му честита само се плашам дека станува збор за барање за оправдување дека реалната блокада на нашите евроинтеграции, која ја прават последниве години е исклучливо заради кревање на својот партиски рејтинг.

Пендаровски доби поддршка за втор мандат од највисокото раководство на владејачката СДСМ. 

Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски, неделава порано изјави дека претседателот Пендаровски се очекува да биде промовиран официјално за претседателски кандидат на СДСМ на Конгресот на партијата закажан в недела, но откако одлуката за тоа ќе помине низ партиските тела - Извршниот и Централниот одбор.

Извршниот одбор на партијата на состанокот во средата во Штип соопшти дека ќе го предложи Стево Пендаровски за кандидат за претседател до Централниот одбор.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април 2024 година, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори. вг/нд/

Остани поврзан