• четврток, 26 декември 2024

Пендаровски: Наш приоритет треба да биде вложувањето во животната средина

Пендаровски: Наш приоритет треба да биде вложувањето во животната средина
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 20-годишнината на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, што се одржа вчеравечер во Скопје. Настанот, кој се одржа под покровителство на претседателот Пендаровски, беше организиран од Еко-свест, како стратешки партнер на Шведската агенција за развој и соработка-СИДА во спроведување на стратешкиот тригодишен проект „Заедно за климатска акција“ / Граѓанските организации во акција за климатските промени. Еко-свест, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, е водечка организација во државата, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, заштита на животна средина и здравјето на луѓето. Претседателот Пендаровски во своето обраќање ја истакна неговата поддршка на граѓанските организации, како и за интересот и грижата за животната средина, како едно од најзначајните прашања на денешнината. Тој повика на единство и заедничка работа за решавање на овие круцијални прашања од кој зависи нашиот опстанок како држава и општество. -Во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија, порача Претседателот во своето обраќање на одбележувањето на 20-годишнината на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест. сст/са/

       

Остани поврзан