• недела, 29 декември 2024

Пендаровски: Мицкоски планираше каде ќе слави, а сега го фати паника и бара помош

Пендаровски: Мицкоски планираше каде ќе слави, а сега го фати паника и бара помош

Струмица, 20 април 2024 (МИА) - Коалиции се прават врз основа на исти вредности и приниципи, ако веруваш во принципите и вредностите на пример на Левица, нормално ќе направиш коалиција со нив. Ние сме во коалиција од над 15 партии и таа трае со години и е коалиција базирана на вредности и принципи. Знаете како велат, со кој си таков си, тие сакаат да бидат со таквите, мене ме чуди само тајмингот кога е тоа објавено. Значи, стартуваш во кампања и сред кампања бараш помош. За мене тоа е јасен знак дека работите не им одат на добро, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на нивниот лидер. Има информации дека тие уште пред година дена веќе ги поделија функциите, се направија победници и сега да бараш помош во сред кампања од кого било е прилично необично. Тие планираа огромна победа и мислам дека веќе имаа договорено и музика и локација за прославата.

Ова го е пораката што вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ја упати од митингот во Струмица.

Тој се осврна и на настаните од 27 април 2017 година и притоа истакна дека ним ни на сон не им паднало да влегуваат во Парламентот и да убиваат колеги пратеници. Како што рече и по толку години наместо да се извинат и да кажат погрешивме тие преку нивната противкандидатка најавувале амнестија на тие луѓе.

- Значи тие не биле насилници, ние сме биле насилници, тие биле наводно патриоти, а ние сме предавници. Овие луѓе тука, мнозинска Македонија, се срамеше од тоа што тие луѓе го правеа само со една единствена цел-да не ја предадат власта на оние кои на легитимни демократски избори ја добија довербата на граѓаните да ја водат земјата. Ние тоа ниту сме го правеле, ниту ќе го направиме, рече Пендаровски.

Тој ги повика граѓаните заедно да продолжат по европскиот пат.

- Дајте од тука да продолжиме понатаму. Безбедноста ни е гарантирана, преку членство што е можно побрзо во ЕУ, да станеме полноправна членка таму и да имаме статус како секој друг, да ги уживаме фондовите, да купиме и памет и знаење од сите тие држави таму, да ја досуредиме државата, бидејќи само тоа е патот кон развиено општество. Се друго е залажување и се друго е враќање кон рециклажа на режимот, подвлече кандидат на СДСМ и на Коалицијата за европска Македонија.

Пендаровски повика на масовна политичка мобилизација уште во првиот круг за, како што рече, да покажале дека мнозинство македонски граѓани сакаат ваква држава, а не таква, заробена и приватизирана држава во која еден е газда, а сите други се слуги.

- На 8 мај не може да има друг исход, ако на 24 ние направивме таква мобилизација и во огромна бројка во огромно мнозинство гласаме за нормална Македонија. Никој овде ниту јас, ниту било кој друг претедент за било која позиција, не ветува дека за четири или пет години ќе направиме Швајцарија, Германија или Америка од Македонија. Патот е тој, цврсто го газиме, ќе земе време, меѓутоа тоа нема да биде некоја далечна иднина. До крајот на овој мандат значи следните четири годни можеме да влеземе во ЕУ и можеме да ги дуплираме и платите и пензиите, да ги триплираме социјалните давачки и конечно овој народ да почне да ужива како секој друг европски народ, а не да биде на маргините на се што се случува на Континентот и постојано да се плашиме дали ќе ја биде државата, посочи Пендаровски.

Претходно, кандидатот за претседател Стево Пендаровски одржа митинзи во Радовиш, Ново Село, Босилово и Василево. рт/цр

Фото: МИА и фејсбук Стево Пендаровски

Остани поврзан