• недела, 17 ноември 2024

Пендаровски: Има спорни одредби во законите за коридорите 8 и 10д, најспорна е онаа за 60-часовна работа

Пендаровски: Има спорни одредби во законите за коридорите 8 и 10д, најспорна е онаа за 60-часовна работа

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски ќе чека да ги види финалните верзии на предложените измени на осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д пред да одлучи дали ќе ги потпише нивните укази. Според него, во сегашните верзии на законите, коишто се во собраниска процедура, има спорни одредби.  

-Додека не ја видам конечната верзија на законите не можам да размислувам за вето. Морам да ви кажам дека последниве денови имав прилика да видам дел од тие предлози на закони, беа девет, едниот го повлекоа. Овие осум, дел од нив во некои одредби се спорни, изјави претседателот на државата за централниот дневник на телевизија „Сител“. 

Според Пендаровски, најспорно е барањето во измените на Законот за работни односи за шеесетчасовна работна недела. 

-Ова е најспорно и мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена. Може нема да издржи до крај, меѓутоа видовме вчера и затоа немаме потврда дали договорот меѓу Владата и „Бехтел и Енка“ е навистина потпишан со тие клаузули „ако не се овозможи шеесетчасовна недела во тој и тој рок“ дека ќе има пенали кои се милионски во евра. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука пред неколку месеци во која вели дека „работна недела подолга од 40“, по исклучоци може само осум часа да работиш, е неуставна. И сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен односно одредбата е неуставна и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра, тоа е прилично неодговорно, вели претседателот. 

Ако тоа остане во конечната верзија, според него, би ни се случило истото што ни се случи со договорот за ОКТА пред дваесетина години кога државата се обврза да купува 500 илјади тони мазут, па поради неисполнување на обврските, Хеленик Петролеум тужеше и доби пред Арбитражниот суд. 

-Невозможно е да определите нешто надвор од Устав. И покрај филибастерингот кој гледам дека се случува од страна на некои опозициски партии, постои и друг начин со аргументи да се убедиме дека тоа треба да се повлече како одредба, вели Пендаровски. 

Според Пендаровски, спорна е и одредбата од измените на Законот за експропријација со којашто се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно загарантирана категорија. И тука, вели тој, доколку граѓанин добие во втор степен спор за експропријација на имот, пеналите треба да ги плати државата. 

-Такви одредби има и предлагам сите пратеници, особено оние кои го предлагаат, добро да ги погледаат, апелира шефот на државата.  

Пендаровски вели дека „Бехтел“ е компанија стара 125 години и меѓу најголемите 100 градежни компании во светот, а дека неколкуте негативни искуства што ги имала оваа компанија во земјите од регионот, од Романија до Црна Гора се исклучоци од правилото. 

-Зошто се случуваат овие исклучоци каде што има злоупотреби и криминал? Само ако наидеш на локални авторитети кој се податливи за тој тип на „муабет“, вели Пендаровски. 

На прашањето дали се сомнева во нашите локални авторитети, претседателот вели „засега не“, меѓутоа сака понатаму процесот да биде кристално чист, прозрачен и транспарентен. 

За делот предвиден за надзорот на изградбата, Пендаровски вели дека 90 отсто од компаниите се со беспрекорно портфолио, но оти за две има јавни сомнежи. 

-Едната од нив според јавно достапните документи нема никакво искуство во таа област, а другата е формирана, ако не се лажам, пет дена пред или пет дена по објавувањето на тендерот. Значи нема искуство во таа област. Мене ми се чини дека за луѓето во Бехтел, за американската Амбасада, па и за САД како држава кои застанаа зад овој проект од почетокот, од Меморандумот за разбирање што се потпиша пред пет-шест месеци до денес, до отворањето на градежните работи и за нив е битна репутацијата на една од најбитните фирми, рече Пендаровски. 

Верува дека постапката што ја започнала Антикорупциската комисија ќе се заврши до крај и дека тоа ќе наиде на поддршка од институциите. ев/бак/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан