• вторник, 24 декември 2024

Пендаровски: Владата тврди дека нема да има рестрикции на струја

Пендаровски: Владата тврди дека нема да има рестрикции на струја
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) – Според она што го знам и јавно е познато до овој момент, Владата тврди дека нема да има рестрикција на струја. Владата тврди дека ќе имаме проблеми да набавиме енергенси по релативно пристапани цени за нашата економија. Но, дека ќе има количини, ќе има. Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во Топ тема на Телма телевизија. -  До овој момент ние немаме пад во тоа стратешко размислување на страна на Владата. До овој момент и нивните тврдења во однос на цената на енергијата се дека таа нема да се менува минимум до Нова Година. Ако почнат проблеми во делови од системот, не дај Боже, тогаш ќе речеме мерките што ги читавте на глас пред месец дена, немаат ефект, рече Пендаровски. Потсети дека 50 години не е вложувано во енергетските капацитети и изрази надеж дека во следниот период повеќе ќе размислуваме за обновливите извори на енергија и за градење на енергетска инфраструктура. Во однос на помошта што се очекува од ЕУ за енергетската криза, Пендаровски рече дека сите инсистираме на помош, но дека сме мали за да не слушнат. - Изминатите години сфативме дека сите шест земји од Западен Балкан најдобро е ако настапуваме како блок. Или заедно ќе одиме за малку погласни да бидеме, или еден по еден многу е тешко да не чујат во Брисел, рече Пендаровски. Малите држави, како што посочи, при вакви важни работи се секогаш на опашката на настаните, затоа што големите држави бараат прво да си ги подмират своите интереси и своите граѓани. - Да се надеваме дека со упорно лобирање во Брисел, од наша страна буквално дишење во врат на надлежните комесари во Комисијата, можеме да го завршиме тоа. Ако не, ред е да излеземе ние што сме одговорни тука, кај нас, на прес – конференција и да кажеме направивме се, одговор немаме или не е задоволителен, нема веќе пардон, изјави Пендаровски. Прашан како да се надеваме на помошта од ЕУ, Пендаровски со појаснување дека земјава е дел од енергетската заедница на Југоисточна Европа, каде постојат интерни механизми со кои може да ни се помогне и кои важат во време на криза. Во однос на евроскептицизмот, Пенедаровски рече дека поддршката за евроинтеграциите во изминатите 18 месеци е опадната за 25 проценти не само поради бугарската блокада туку и поради 17-те години чекање. Според Пендаровски, не постои ниту една држава од шестте држави во Западниот Балкан каде поддршката за членство во ЕУ е денес поголема, споредена од онаа од пред пет години. цр/бак/      

Остани поврзан