• петок, 27 декември 2024

Пендаровски: Важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство

Пендаровски: Важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски во рамки на 60. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер учествуваше на дебатата насловена „Дали Западен Балкан е дел од големата слика? Мапирање на новата европска безбедносна архитектура“, во организација на Центарот за безбедносна политика од Белград и Центарот за безбедносна политика од Женева.

Во дискусијата претседателот Пендаровски се осврнал на актуелните состојби во регионот на Западен Балкан, последиците во контекст на безбедносните случувања во Европа предизвикани од руската агресија врз Украина, како и на иднината на регион во однос на претстојните предизвици. Претседателот посочил дека во интерес на мирот и стабилноста на Европа, неопходно е да се одржи кохезијата во евроатлантскиот блок и процесот на проширување на Европска Унија.

-Во таа насока беше реафирмирана потребата од забрзана и непречена интеграција на земјите од Западен Балкан, како клучен фактор не само за политичките процеси и реформската агенда, но и за севкупната безбедност, потенцирајќи дека во време на мултиплицирани кризи и разнишана безбедносна архитектура, важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство во регионот, пренесува во соопштение Кабинетот на Претседателот. 

Во контекст на безбедносните кризи, биле разменети мислења и за најактуелниот светски конфликт во моментов на Блискиот Исток, како и за глобалните последици од него. 

Во дискусијата учествувале амбасадорот Рајнер Рудолф, заменик-претседавач со Минхенската безбедносна конференција, австриската сојузна министерка за европски прашања, Каролина Едштадлер, Кирил Петков, поранешен премиер на Бугарија и сегашен пратеник во бугарскиот Парламент, специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, генералниот секретар на ОБСЕ,  Хелга Шмидт. Учествувале и Стефано Санино, генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, францускиот пратеник, Бенџамин Хадад,  Даниела Шварцер од фондацијата „Бертелсман“, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, директорот на Центарот за безбедносна политика од Женева, Томас Гремингер, Олександер Чали соработник на Центарот за безбедносна политика од Женева, Мајда Руге од Европски совет за меѓународни односи и Срѓан Цвијиќ од Центарот за безбедносна политика од Белград.лв/

фото: Кабинет на Претседател 

 

Остани поврзан