• сабота, 28 декември 2024

Пендаровски - Ауреску: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е безбедносен приоритет за Европа

Пендаровски - Ауреску: Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е безбедносен приоритет за Европа

Скопје, 14 април 2022 (МИА) - Особено денес е евидентно дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е безбедносен приоритет за Европа, а завршувањето на европскиот проект е клучно за обезбедување на долгорочен мир и просперитет за континентот, истакна претседателот Стево Пендаровски на средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој е во работна посета на Северна Македонија.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, што се карактеризираат со конструктивен и отворен политички дијалог, базирани на пријателство и меѓусебна почит, при што Пендаровски изрази уверување за нивно натамошно унапредување, како на политички, така и на економски план.

Претседателот упати благодарност за силната романска поддршка како за македонското европско досие, така и за динамизирањето на евроинтегративниот процес на земјите од регионот. Тој истакна  дека Северна Македонија останува посветена на остварувањето на оваа стратешка цел, и покрај предизвиците.

Честитајќи ја 15-годишнината од членството на Романија во ЕУ, Пендаровски оцени дека земјата е пример за трансформирачката моќ што ја носи членството во Унијата.

Пендаровски и Ауреску разговараа за случувањата во поширокиот регион, во однос на руската инвазија врз Украина, нивната безбедносна импликација врз поширокото соседство, при што заклучиле дека како членки на НАТО, двете држави демонстрираат единство и меѓусебна соработка, особено во светло на руската воена инвазија на Украина.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за романската помош при евакуацијата на македонски државјани од Украина и оддаде признание за посветеноста на Романија во згрижувањето на големиот број бегалци, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот. нд/сп/

Остани поврзан