• четврток, 26 декември 2024

Пендаровски-Селаковиќ: Да се подобри положбата на припадниците на националните малцинства во двете земји

Пендаровски-Селаковиќ: Да се подобри положбата на припадниците на националните малцинства во двете земји
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, денеска во Скопје се сретна со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод празникот на Свети Сава, што се одбележува како Национален ден на Србите, соопштија од српското МНР, јави дописникот на МИА од Белград. - Годинава поради Ковид-19 Република Северна Македонија е единствената земја во регионот во која за српското малцинство се организира прослава на празникот Свети Сава и Светосавска академија. Тоа беше причината за средбата со претседателот Пендаровски, што помина во топла, пријателска и празнична атмосфера, изјави Селаковиќ по средбата. Шефот на српската дипломатија додаде дека разговарале и за тоа што можат двете земји да направат за подобрување на положбата на припадниците на националните малцинства, како во Србија, така и во Северна Македонија. - Му благодарам на претседателот Пендаровски што излезе во пресрет, за желбата да се одржи една ваква средба, и на нас е да ги негуваме добрососедските односи со Северна Македонија, изјави Селаковиќ. Тој додаде дека на средбата било разговарано и за продлабочување на економската соработка и важноста на иницијативата „Отворен Балкан“. - Нашиот фокус е на меѓусебно почитување, негување пријателски и добрососедски односи, но и продлабочување на нашата соработка на сите полиња, со сериозен акцент на економската соработка, кажа Селаковиќ. На средбата со претседателот на Северна Македонија, освен министерот Селаковиќ, присуствуваа и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и претставници на српската заедница во Северна Македонија, соопштија од српското МНР. Министерот Селаковиќ вечерва во Скопје ќе се обрати и на Светосавската академија во НУ „Македонски народен театар“ по повод Националниот празник на Србите во Северна Македонија. об/нд/

Остани поврзан