• четврток, 26 декември 2024

Пендаровски и Радев заедно патуваат во Рим на чествување на Светите браќа Кирил и Методиј

Пендаровски и Радев заедно патуваат во Рим на чествување на Светите браќа Кирил и Методиј

Скопје, 24 мај 2021 (МИА) - Претседателите на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и на Република Бугарија, Румен Радев, заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, откако тоа не го сторија минатата година поради влошената состојба со пандемијата на Ковид-19.

Поради здравствените протоколи на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, делегациите, предводени од двајцата претседатели нема да им оддадат почит на големите сесловенски просветители и основоположници на словенската писменост и литература, денеска, туку посетата е планирана за 26 и 27 мај. Денеска, на 24 Мај на Денот на сеслосвенските просветители во Рим и Ватикан ќе престојува делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиката Пимен, каде ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, двете делегации ќе отпатуваат заедно во Италијанската Република на 26 мај, а на 27 мај претседателите Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век Папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од Светите браќа Кирил и Методиј.

Делегациите на двете земји, предводени од Пендаровски и Радев заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски. Според програмата македонската делегација, предводена од Пендаровски и бугарската, предводена од Радев ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск. Пендаровски минатата недела изјави дека овој чин е еден добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји во врска со блокадата за членство во ЕУ. -Одиме на заедничко патување и на средби во Ватикан кај папата, затоа што ќе го решаваме спорот. Предлогот беше даден пред еден месец, јас сметав дека е добро со бугарскиот државен авион да ја собере целата делегација од кај нас, од Скопје. Имаме околу 25 места, заедно со новинарите, и нивната екипа брои толку, заеднички да го чествуваме и тоа го правиме традиционално, тоа не е ништо ново. Заради здравствените протоколи кои важат кај папата не можевме да заминеме на денот, на 24 мај, туку ќе заминеме на 26 и 27 мај. Сметам дека ова е еден добар сомболичен гест од двете страни и малку да ја олабавивме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму во преговорите во врска со блокадата, изјави Пендаровски. Тој појасни дека со Радев нема да преговара, нема да има формални преговори, бидејќи шефовите на државите не се задолжени за тоа, туку заеднички ќе ги чествуваат Светите браќа Кирил и Методиј. Сепак додаде дека со оглед на фактот дека многу време ќе поминат заедно со претседателот Радев, неизбежно е дека ќе стане збор и за спорот, но сето тоа ќе биде во неформален контекст. Заедничкото патување на Пендаровски и Радев во насока на обидите за олабавување на климата и отворање на патот за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ го поздравија министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка, Александер Шаленберг, Анже Логар и Јакуб Кулханек, кои завчера беа во посета на земјава и дадоа безрезерва поддршка за евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Посетата на Рим, ја оценија како одлична можност да се дискутира за спорот со Бугарија. -Словенија секогаш вложува многу напори во остварувањето дијалог и знаеме дека со добар дијалог можеме да ги постигнеме посакуваните резултати и сакаме да ве поттикнеме да продолжите по тој пат. Гледаме многу позитивни подобрувања, што беа презентирани денеска и исто така задоволство ни е што претседателите на Северна Македонија и Бугарија заедно ќе отпатуваат в среда во Рим, потенцира завчера Логар на заедничката прес-конфренција со Шаленберг, Кулханек и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан. Чествувањето на Светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. ац/

Остани поврзан