• недела, 24 ноември 2024

Пелоси одби двајца Републиканци за комисијата за истрага на нападот на Конгресот, Мекарти ги повлече сите кандидати

Пелоси одби двајца Републиканци за комисијата за истрага на нападот на Конгресот, Мекарти ги повлече сите кандидати
Вашингтон, 22 јули 2021 (МИА) - Лидерот на Републиканците во Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти ги повлече сите пет кандидати за специјалната комисија што го истражува нападот на Конгресот на 6 јануари. Тој тоа го стори откако спикерот на Долниот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, одби да ја прифати кандидатурата на двајца од нив, пренесува Глас на Америка. Пелоси ја отфрли препораката конгресмените Џим Џордан и Џим Бенкс, двајцата енергични приврзаници на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, да работат во комисијата за истрага на приврзаниците на Трамп кои упаднаа во Конгресот, со цел да се спречи потврдата за изборната победа на претседателот Џо Бајден.
„Со оглед на интегритетот на истрагата, инсистирањето на вистината и загриженоста за изјавите и некои потези на овие членови на Претставничкиот дом, мора да го отфрлам предлогот конгресмените Бенкс и Џордан да бидат членови на комисијата“, рече Пелоси. Таа изјави дека „природата на настаните на 6 јануари, кои беа без преседан, ја бараше и оваа одлука без преседан“. Мекарти рече дека „Републиканците нема да бидат учесници во овој лажен процес“ и наместо тоа ќе спроведат „истрага за утврдување на фактите“. Пелоси формираше 13-члена комисија откако Републиканците во Претставничкиот дом го отфрлија претходниот обид за формирање двопартиска комисија за истражување на насилството во Капитол. Таа претходно номинираше една Републиканка, Лиз Чејни, за член на комисијата и рече дека ќе прифати тројца кандидати на Мекарти - Родни Дејвис, Кели Амстронг и Трој Нелс, по што побара од него да избере двајца нови членови на комисијата. Во немирите на 6 јануари загинаа четири лица. паг/  

Остани поврзан