• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Пелеши: Коалицијата со МАЕИ и Стерјовски е гаранција за силна поддршка на Македонците и развој на Преспа

Пелеши: Коалицијата со МАЕИ и Стерјовски е гаранција за силна поддршка на Македонците и развој на Преспа

Пустец, 10 април 2025 (МИА) - Социјалистичката партија е во коалиција единствено со Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), а претседателот Васил Стерјовски е наш кандидат за пратеник во округот Корча, изјави Нико Пелеши политички раководител на Социјалистичката партија за округот Корча и пратеник од оваа изборна единица, на средбата со граѓаните во Пустец.

-Оваа коалиција е силна гаранција не само за одличен резултат на изборите на 11 мај, туку и за конкретна поддршка и заслужено внимание за македонското малцинство во Албанија, додаде тој.

Пелеши нагласи дека „македонското малцинство е важен дел од албанското општество, богатство во неговата разноликост и мост за пријателство со Македонија, со која Албанија има одлични односи".

-Васил Стерјовски е докажан борец за правата на Македонците, кој како пратеник во претходниот мандат ги претставуваше достоинствено во парламентот. Затоа без двоумење гласајте за него, кој е значаен глас за македонската заедница, побара Пелеши.

Тој ја истакна и решеноста на Социјалистичката партија за поддршка на развојот на Преспа, нагласувајќи дека "Со огромниот природен и културен потенцијал што го има регионот, нашата заложба е да изградиме успешен модел на развој и да поддржиме што повеќе проекти на Општина Пустец и градоначалникот Пали Колефски.“

Во своето обраќање до многуте  присутни,  Стерјовски истакна  дека како единствена партија која ги претставува Македонците во Албанија, „нашата борба е преку институциите на системот да се избориме за унапредување на нашите права и развој на областите каде што живеат Македонците".

-Изборниот законик не ни дозволува самостојно учество на парламентарните избори, поради што сме приморани да одиме во коалиција со поголемите партии. Изразувам благодарност до Социјалистичката партија која ни овозможи на овие избори да настапиме со наш кандидат на нивната листа во  округот Корча. Јас сум кандидат како претставник на Македонската алијанса за европска интеграција на листата на Социјалистите, рече Стерјовски.

Додаде дека МАЕИ е единствена партија која на овие избори постигна договор за коалиција со Социјалистичката партија, каде што „јасно и јавно стои дека новата влада ќе ги унапреди правата на Македонците во Албанија". 

-Договорено е да се интензивираат инвестициите во различни сектори во областите со македонско население – Преспа, Голо Брдо и Гора – и да се овозможи изучување на македонскиот јазик на целата територија на Албанија каде што постои интерес и барање за тоа, посочи тој.

Според него во последните години се инвестира во општина Пустец, како што беше и решавањето на проблемот со водата за пиење, но сепак, овие инвестиции се недоволни за вистински развој на Преспа, бидејќи потребите се поголеми, зашто  во изминатите 30 години, Преспа беше запоставена од сите влади.  

Преспа треба да се гледа заедно со Корча, рече тој, оценувајќи дека во последните 12 години, благодарение на Нико Пелеши и вложувањата, Корча стана развиена туристичка дестинација во сите четири сезони. 

-Така треба да се развие и Преспа, за да можеме да зборуваме за одржлив туризам, од кој ќе имаат корист и Македонците во Преспа, но и самиот град Корча, бидејќи добар дел од туристите кои би ја посетиле Преспа ќе престојуваат во Корча. Затоа ве повикувам масовно да ја поддржите коалицијата на МАЕИ со Социјалистичката партија – за доброто на Преспа и сите Македонци во Албанија, повика Стерјовски.

Тој се наоѓа на отворената кандидатски листа на Социјалистичката партија за пратеници на изборите на 11 мај во ИЕ Корча, каде припаѓа и Мала Преспа. вт/


Фото: МАЕИ

Остани поврзан