• сабота, 23 ноември 2024

Пелегрини положи заклетва како нов претседател на Словачка

Пелегрини положи заклетва како нов претседател на Словачка

Братислава, 15 јуни 2024 (МИА) - Петер Пелегрини (48) денеска положи заклетва како претседател на Словачка на церемонијата одржана под засилено обезбедување по обидот за атентат врз неговиот близок сојузник, популистичкиот словачки премиер Роберт Фицо, пред еден месец, пренесе Бета.

На посебна седница на Парламентот одржана во седиштето на Словачката филхармонија, Пелегрини во својот говор повика на национално единство.

-Ние сме една нација, едно општество, една Словачка, рече тој.

Тој е шестиот претседател на Словачка откако таа стекна независност по распадот на Чехословачка во 1993 година.

Пелегрини (48) го победи прозападниот дипломат од кариера Иван Корчок во вториот круг од претседателските избори на 6 април. Неговата победа го консолидираше владеењето на премиерот Фицо, бидејќи тој и неговите сојузници стекнаа контрола над стратешките функции на земјата.

Пелегрини ја наследи Зузана Чапутова, првата жена шеф на држава, која силно ја поддржа соседна Украина во нејзината борба против руската инвазија. Таа не се кандидираше за втор мандат на таа главно церемонијална функција.

Претседателот на Словачка, земја со 5,4 милиони жители, по парламентарните избори избира премиер, полага заклетва на новата влада и ги именува судиите на Уставниот суд. Претседателот може да стави вето на законите, иако Собранието може да го отфрли ветото со просто мнозинство и да ги достави на оценка до Уставниот суд. Шефот на државата има право и да помилува осудени. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан