• сабота, 23 ноември 2024

Пекинг: Соборувањето на балонот им наштети на кинеско-американските односи

Пекинг: Соборувањето на балонот им наштети на кинеско-американските односи

Пекинг, 6 февруари 2023 (МИА) - Одлуката на САД за соборување на балонот, за кој Пекинг тврди дека залутал, „сериозно ги погоди и наштети“ на односите меѓу двете земји, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Леталото, за кое Вашингтон тврди дека е шпионски балон, леташе над Северна Америка неколку дена, поради што САД ја откажаа планираната посета на Пекинг на државниот секретар Антони Блинкен. Вашингтон на 4 февруари објави дека балонот бил соборен од борбен авион во близина на брегот на Јужна Каролина поради, како што го нарече „неприфатливо кршење“ на американскиот суверенитет.

САД се обидуваат да ги пронајдат и извлечат остатоците од наводниот шпионски балон во близина на брегот на Јужна Каролина.

Пекинг протестираше поради соборувањето, тврдејќи дека се работи за цивилен балон, што скршнал од курсот, и вчера поднесе официјална жалба до Амбасадата на САД во Кина.

Активностите на САД сериозно влијаеја и им наштетија на напорите и напредокот на двете страни во стабилизирањето на кинеско-американските односи од средбата на Бали, изјави заменик-министерот за надворешни работи Ксие Фенг, алудирајќи на средбата во ноември 2022 година помеѓу кинескиот и американскиот претседател Си Џинпинг и Џо Бајден.

Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи се наведува дека „внимателно го следи развојот на ситуацијата“ и „го задржува правото да преземе дополнителни неопходни реакции“.

Кина тврди дека се работи за балон што се користел за метеоролошки и други научни истражувања и дека „случајно“ залутал во воздушниот простор на САД. Додека Пентагон вчера соопшти дека САД работат на пронаоѓање и извлекување на остатоците од наводниот кинески шпионски балон.

Остани поврзан