Пекинг негира дека „многу“ кинески граѓани се борат за Русија
- Кина ги отфрли тврдењата на Киев дека „многу“ кинески државјани служат во руските воени единици, откако двајца Кинези беа заробени на бојното поле во источна Украина.

Пекинг, 9 април 2025 (МИА) – Кина ги отфрли тврдењата на Киев дека „многу“ кинески државјани служат во руските воени единици, откако двајца Кинези беа заробени на бојното поле во источна Украина.
Нема основа за ова тврдење, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан на брифинг со новинари денеска во Пекинг.
Како што пренесе ДПА, тој додаде дека кинеската влада постојано ги советува своите граѓани да избегнуваат области на вооружени конфликти и да се воздржат од учество во воени активности на која било страна.
Демантот доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера на социјалните мрежи напиша дека украинските сили заробиле двајца кинески државјани кои се бореле со руската армија. Тој објави и видео од еден од затворениците.
Според Зеленски, апсењето се случило во областа Доњецк во источна Украина.
- Имаме информации дека има уште многу такви кинески државјани во окупаторските сили, напиша тој, без да објави други докази. јт/