• среда, 25 декември 2024

Пезешкијан: Политиката на Иран кон Израел останува иста

Пезешкијан: Политиката на Иран кон Израел останува иста

Техеран, 9 јули 2024 (МИА) - Новоизбраниот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан, денеска изјави дека односот на Иран кон Израел останува ист и дека движењата на отпорот низ целиот регион нема да дозволат продолжување на, како што рече, „израелската криминална политика “ кон Палестинците.

„Исламската Република секогаш го поддржуваше отпорот на народот во регионот против нелегитимниот ционистички режим“, рече Пезешкијан во пораката до Хасан Насрала, лидерот на либанската група Хезболах, поддржана од Иран, пренесуваат британските медиуми.

Медиумите соопштуваат дека шиитскиот Хезболах и палестинскиот сунитски Хамас се дел од групата фракции поддржани од Иран во регионот.

Израел се уште не излезе со коментар на изјавата на Пезешкијан.

Војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа започна во октомври минатата година, кога Хамас го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци. Оттогаш во израелската офанизва во Појасот Газа се убиени над 38.000 Палестинци, а речиси 88.000 се ранети, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Газа.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан