• петок, 27 декември 2024

ПГ на ВМРО-ДПМНЕ: Бараме остра осуда за недоличното однесување на Маричиќ кон пратеничката Стојаноска

ПГ на ВМРО-ДПМНЕ:  Бараме остра осуда за недоличното однесување на Маричиќ кон пратеничката Стојаноска

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” на прес-конференција побара, како што наведоа, остра осуда за недоличното однесување на вицепремиерот Бојан Маричич кон пратеничката на оваа партија Дафина Стојаноска на денешната пленарна седница наменета за поставување пратенички прашања.

-Денес, и не за прв пат, вицепремиерот за европски прашања, позади микрофон и позади камери, недолично довикуваше и се однесуваше кон пратеничка. Вицепремиерот Маричиќ, денеска најпрво дофрлаше за да деконцентрира, како и многупати досега, а потоа прејде на безобразно и лигаво гестикулирање, заборавајќи дека е во Собрание, а не во полноќен филм за возрасни. Јас, додека имав процедурална забелешка на политичкиот маркетинг на министерката за труд и социјална политика, наместо соодветен одговор на поставено прашање за протестите на пензионерите, просведочив како овој вицепремиер, кој лажно се претставува како европски лик, почна да ми изигрува недоличен шармер и одвратен „мачо-мен”. Се извинувам на медиумите на моиве квалификации, но верувајте дека она што Маричиќ го правеше спроти мене, беше многу многу грда слика и сексистичка провокација за секаква осуда, истакна пратеничката Стојаноска.

Таа потенцира дека Маричиќ „го прекршил владиниот кодекс“ и како што истакна „наместо највисоки стандарди на однесување и почитување на личноста и угледот на секој поединец тој се однесуваше како неизживеан предатор, како невоспитан маж, правејќи гадни гестови со неговите усни, навредливи за секоја жена, особено на јавна сцена“.

-Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија”, бараме остра осуда за ваквиот однос на маж кон жена, на министер и министерка кон пратеници и пратенички, како и на немоќта на одговорните за работата на Собранието да стават крај на ваквото нецивилизирано однесување на извршната власт кон законодавната. Во оваа држава паднати се сите норми и критериуми, но ова денес е допир со најдлабокото дно на срамот, некултурата и непочитта. Европскиот фронт е заглавен во тунел без светло и секој дефокус би им бил добредојден, само за да не се зборува за актуелните и секојдневните маки на нашите сограѓани. Сепак, ова денес не беше обид за дефокус, туку класичен пример за вистинското лице на актуелната власт на СДСМ, рече таа.

Според Стојаноска, Владата и Собранието имаат кодекси за однесување, но тие се само за на хартија и само за пред странци. Реалноста, како што истакна, е дека тие не важат за власта но и исто така дека оваа држава е водена од луѓе кои што пред се немаат никаква култура ниту почит кон било кого.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан