• четврток, 19 декември 2024

„Патување пеш“ на Тамара Котевска ќе се прикажува на пет светски филмски фестивали

„Патување пеш“ на Тамара Котевска ќе се прикажува на пет светски филмски фестивали

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Најновиот филм на Тамара Котевска, „Патување пеш“ ќе се прикажува на уште пет светски филмски фестивали, соопштија денеска од „Охо продукција“.

Како што се појаснува во соопштението, покрај новите потврдени прикажувања во официјалната селекција на уште пет фестивали во светските метрополи Токио, Лос Анџелес, Лондон, Париз и Фолкстон, се најавува јапонска, но и домашна дистрибуција на филмот.

- Филмот е во официјална селекција на Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија и на 17 октомври ќе го отвори овогодинешното издание, што претставува огромна чест за режисерката Тамара Котевска и продуцентите, од причина што токму од оваа локација почнува патувањето на малата Сиријка, Амал, во Англија. Тоа е точката каде се судираат бегалците кои го преминуваат Ла Манш за да стигнат во Англија и англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отворањето со „Патување пеш“ е демонстрација на пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти виманието на жителите на овој приморски град, кон еден од најголемите проблеми со што се соочуваат во своето секојдневие, се наведува во соопштението.

Филмот ќе може да се погледне и на „Le grand bivouac“ во Париз, Франција, каде ќе биде прикажан во официјална селекција на 21 октомври. Овој фестивал, како што се додава во соопштението, има тематски фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми.

- Во ноември, „Патување пеш“ свечено ќе го отвори „Tokyo international refugee festival 2024“, со што ќе се најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот, пишува во соопштението.

Режисерката Котевска во писмена изјава наведува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио, токму со нејзиниот документарен филм, е, еден од најубавите комплименти што ги добила, „токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската, што јасно го препознава квалитетот на филмот“.

- Веднаш по Токио, филмот ќе биде истовремено прикажан во Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон, ќе биде дел од 12. издание на „European psychoanalytic film festival“, на 16 ноември, а во Лос Анџелес ќе биде прикажан како дел од „New filmmakers Los Angeles film festival“, каде во фокус се млади автори. Конечно, во ноември, македонската публика ќе има прилика да го погледне овој исклучителен филм од можеби најважната македонска млада, прогресивна филмска авторка, двапати номинираната за „Оскар“, Котевска, се додава во соопштението до јавноста.

Главни продуценти на „Патување пеш“ се „Grain media“ од Англија, а на македонската страна копродуцентскиот потпис го става „Охо продукција“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. бд/aa/

Фото: „Охо продукција“

Остани поврзан