• четврток, 26 декември 2024

Патување низ Европа на велосипед

Патување низ Европа на велосипед
Скопје, 26 јуни 2022 (МИА) - Патувањето на велосипед беше голем предизвик, прошетав дванаесет земји, а низ моето патешествие најтешко ми падна осаменоста, вака Коста Митрески во разговор за МИА започна да ја раскажува својата приказна за неговото патување низ Европа, кое траело цели триесет дена. Неговото патување започнува од Барселона, каде тој се упатува од Шпанија до Франција, а оттаму до Италија. Коста патувањето го продолжува на север кон Швајцарија, поминува низ Австрија, потоа се упатува пак на север, но овојпат „малку повисоко“ кон Германија, следна дестинација е Чешка од каде се враќа назад кон Северна Македонија. Ама тука не è крајот, туку почетокот на третата етапа од патувањето, и тоа низ Словачка, Унгарија и Србија како последна дестинација. Тој ни откри дека идејата ја имал уште од тинејџерските денови, и дека тој со својот велосипед на ова патување извозил дури 3 100 километри. - Одамна ја имам оваа идеја, од мали нозе возам велосипед се занимавам со велосипедизам, тоа ми е најголемата љубов, уште од тинејџерски денови таа идеја остана да пламти во мене, и ете сега испадна прилика да имам повеќе слободни денови, ресурси и да можам да ја исполнам мојата желба од детството, рече тој. На прашањето која земја му оставила најголем впечаток, Коста вели дека сите земји си имале своја убавина, но дека од сите Франција се издвојува најмногу. - Би ја издвоил Франција како највпечатлива дестинација, бидејќи беше специфична и имав прилика да видам разновидни активности и пејзажи, јужниот дел од кога влегов во Перпињан до Марсеј беше цел постелен со лозници, таму е најголемото производство на вино. Се чувствував како три дена да возам низ Тиквешијата, од другата страна према Ница, Сан Тропе тоа е веќе туристичкиот дел, исто убавиот дел, имав прилика за капење планини, и затоа би ја избрал Франција, вели тој. Коста рече дека генерално во западноевропските држави некои луѓе се запознаени, слушнале за нашата земја, но не доволно. - Пред се мораш да им ја покажеш на мапа да им кажеш кои се нашите убавини да ги споделиш, логично најзапознаени се Србите, најголемиот дел од нив биле во Македонија, во Охрид и се чувствуваше нивната топлина низ разговорите со нив, појаснува тој. Коста ноќите ги минувал во вреќа за спиење, на тој начин подобро го чувствувал градот во кој се наоѓа. - Во главно ноќите ги преспивав во вреќа, и убаво беше бидејќи легнуваш кога ќе се стиши градот, и наутро гледаш како и тој се буди со тебе, едноствано го „вдишуваш“ , многу подобро го чувствуваш градот, објаснува тој. Патувањето на велосипед не поминало без потешкотии, реши за МИА да издвои неколку од нив. - Да имав ситуации кога ми се расипа велосипедот, една од најчестите дефекти на велосипед е пукната гума, тоа ми се случи во Франција, отприлика петтиот ден од патувањето тоа е полесниот дел, бидејќи носев алати и резервни гуми и не беше некој голем предизвик. Но, имав некои поголеми дефекти, како на пример менувачот на брзини кога се симнував низ планина према Кан, односно на 30 километри од Кан се расклопи и разлета, па морав да ги барам деловите, па да го склопувам одново самото апаратче за да можам да продолжам да возам, вели Коста. Истакна дека најтешкиот дел од патувањето кој воедно му донел и предизвици била сaмотијата. - Најтешко ми падна самотијата, патувањето сам, тоа беше најголемиот предизвик, физичката страна болките, повредите некако од ден на ден ги навикнуваш и можев да ги сузбијам, но патувањето сам беше многу голем предизвик бидејќи 30 дена си сам со себе, од време на време почнуваш да си зборуваш со себе, да си коментираш. Од друга страна, врзан си со велосипедот кај и да треба да идеш мораш да го носиш со себе. Многу полесно би било патување со двајца или тројца, многу подобро би течеле работите кога би имал барем уште еден со мене, заклучува Митрески. За Коста сезоната на вакви патувања за оваа година е завршена, бидејќи, како што вели тој слободно време е ограничено. Но, веќе размислува каде би патувал следната година. - Низ разговор со моите пријатели настана тема за можна тура од другата страна од исток према Македонија, зборувавме за тура од Москва до Македонија и доста интересно звучи, но поради моменталната состојба во војната не е баш паметно да направиме таков потег, кога би се решиле моменталните состојби со воената криза, би била доста интересна тура, која би прикажала една сосема поинаква слика на Европа од оваа западноевропската која ја поминав, истакнува тој. Според него овој вид на патување е најдобар начин за краток период да се посетат повеќе земји. Автор: Симона Србиноска Видео: Срѓан Крстиќ

Остани поврзан