• четврток, 26 декември 2024

Патувачка изложба „120 години Илинденско востание - архивска меморија“

Патувачка изложба „120 години Илинденско востание - архивска меморија“

Скопје, 3 јули 2023 (МИА) - Во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, пред Македониумот во Крушево, на 1 август 2023 година беше отворена изложбата „120 години од Илинденското востание - архивска меморија“, со која Државниот архив се приклучува кон одбележувањето на 120-годишнината од илинденската епопеја.

Како што информираат денеска од Државниот архив, изложбата содржи над 300 архивски документи и фотографии прикажани на 20 изложбени паноа. Документите се дел од архивските фондови што се чуваат во Државниот архив, а се преземени од архивите во Истанбул, Софија и Белград. 

-Драго ми е што и оваа година Државниот архив е присутен со свои проекти на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Оваа изложба ги прикажува: создавањето на македонската револуционерна организација, церемониите на заколнување на членството, дисциплината и солидарноста на Организацијата, нејзината структура, познатите војводи и револуционери, подготовките за Илинденското востание, текот и клучните вооружени борби со турската војска. На неколку паноа се прикажани и активностите што следувале по востанието, неговите последици и ефекти, како и конзулските известувања и објавите на светските печатени медиуми за него, изјави директорот на Државниот архив, Емил Крстески, по повод отворањето на оваа изложба во Крушево.

Огромен број посетители на Крушево ја посетија изложбата при што имаа можност да се сретнат со авторите и да се информираат за историските факти.

Идната недела изложбата ќе биде поставена во НУ Музеј на македонската борба во Скопје, а поради големиот интерес, изложбата ќе биде претставена во повеќе градови во државата. сст/дма/

 

Остани поврзан