• вторник, 24 декември 2024

Патриоти за Европа нова група во ЕП или само ново име за десничарската Идентитет и демократија 

Патриоти за Европа нова група во ЕП или само ново име за десничарската Идентитет и демократија 

Брисел, 7 јули 2024 (МИА) – Минатата недела Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Партијата на слободата на Австрија (ФПО) на поранешниот австриски министер за внатрешни работи Херберт Кикл и Акцијата на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш најавија формирање на нова десничарска политичка група во Европскиот парламент под името Патриоти за Европа.  

Формирањето на Патриоти за Европа беше протолкувано како создавање на „десничарска супергрупа“, што беше најавувано во последните месеци од повеќе партии на десницата со спојување на досегашните групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Идентитет и демократија (ИД). 

Но, во меѓу време во средата се конституираше десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која за свои копретседатели ги избра Никола Прокачини од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони и Јоахим Бруџински од полската Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински. За потпретседатели беа избрани Асита Канко од белгиската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Ерман Терч од шпанската Вокс, Александр Вондра од чешката Граѓанска демократска партија (ОДС) и Чарли Вејмерс од Шведските демократи (СД). 

И покрај најавите за можно напуштање на групата и преминување во Патриоти за Европа, полската ПиС сепак остана дел од ЕЦР, која во моментов со 84 пратеници е трета по бројност пратеничка група во Европарламентот. 

Пратеничка група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум. Трите партии „основоположници“ на Патриоти за Европа заедно имаат 24 европратеници, но за да го исполнат вториот услов ќе треба да им се придржат партии или пратеници од најмалку уште четири земји членки. 

Како можни членки на групата се споменуваат и бугарската Преродба, шпанската Забавата заврши (САЛФ) и словачкото Движење Република, кои заедно имаат осум мандати и кои сега не се дел од ниту една групација. Како потенцијален член се споменува и партијата Алтернатива за Германија (АДФ) со нејзините 15 европратеници, која во мај беше исклучена од Идентитет и демократија (ИД) и по одбивањето на групата за нејзини повторен прием по Евроизборите, најавуваше формирање сопствена пратеничка групација.   

Но, кругови во Европарламентот посочуваат дека интерес за пристапување кон Патриоти за Европа пројавиле и партии членки на ИД, меѓу кои и партијата Лига на италијанскиот вицепремиер и министер за инфраструктура и транспорт Матео Салвини, која само неколку часа по промоцијата на новата група ја поздрави иницијативата оценувајќи ја како „нова алтернатива за борба против деструктивната левица“.  

- Сакаме да го зголемиме опсегот на силна, патриотска и кохезивна група, која ќе се спротивставува на тајни договори, беше наведено во соопштението на Лигата.  

Италијанските сенатори денеска изгласаа укинување на имунитетот на ултра десничарскиот лидер и поранешен министер за внатрешни работи Матео Салвини, со што се отвора можност за негово судење,

Според партијата, со ова се оствариле надежите на Салвини за „обединување на европските патриоти“ и здружување на „што е можно повеќе партии, кои имаат за цел да изградат поинаква ЕУ без левичарите кои ја уништија Европа во последниве години“ и кои нема да го поддржат реизборот на Урсула фон дер Лајен на функцијата на претседателка на Европската комисија.  

Лидерот на осумте европратеници на Лигата, Марко Зани во вторникот за весникот „Кориере дела сера“ изјави дека Патриоти за Европа е „најинтересниот алтернативен проект во Европа“, што дополнително ги подгреа шпекулациите за можно „прелетување“ на партијата во новата групација. 

Дополнително како потенцијални членки на Патриотите за Европа се посочуваат и португалската Доста е (Чега), холандската Партија за слободата (ПВВ), белгиската Фламански интерес (ВБ) и Данската народна партија, кои сега се дел од семејството на ИД. 

Засега во врска со Патриотите за Европа се нема изјаснето најголемата партија во ИД, францускиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, кој „носи“ 30 од сегашните 52 пратеници на групата. 

Лидерката на екстремно десничарската партија Национален собир Марин Ле Пен денеска изјави дека нејзината партија нема да формира влада доколку не добие апсолутно мнозинство.

Според извори во ЕП, Ле Пен наводно чека да завршат парламентарните избори во Франција, чиј втор круг се одржува денеска, по што ќе објави дека РН ќе се приклучи кон Патриотите за Европа. Ова практично би значело крај на Идентитет и демократија, со крајна цел обединување на сите десничарски сили кои не се членки на ЕЦР.  

Европратеник за „Еурактив“ изјавил дека Ле Пен, Орбан и другите партии уште пред минатата недела се договориле ИД да престане да постои и да се формира нова група. Според европратеникот, за кој се тврди дека е „добро информиран за случувањата“ во таборот на десницата, тие веќе се договориле и за поделба на раководните позиции во новата група. 

Ова практично би значело само преименување на Идентитет и демократија во Патриоти на Европа, односно тоа би била истата група на екстремната десница, зајакната со партиите на Орбан и Бабиш, кои освоија најмногу гласови на евроизборите во нивните земји.   

Доколку се остварат ваквите најави, Патриотите за Европа би имале околу 95 пратеници со што би ја презеле „титулата трета политичка сила во Европарламентот“ од ЕЦР и би ја потиснале либералната група „Да ја обновиме Европа“ на петтото место според бројноста.   

Европратениците денеска ги одобрија плановите за зголемување на производството на муниција и ракети во ЕУ и побрзо снабдување на Украина со муниција, објави Европскиот парламент

Бидејќи поделбата на функциите во Европскиот парламент се врши според Д’Онтовиот модел врз основа на бројноста на пратеничките групи, Патриоти за Европа би имале право да добијат двајца потпретседатели на ЕП и тројца претседатели на парламентарни комитети. 

Претседателите на комитетите се избираат одделно со апсолутно мнозинство гласови, па можно е партиите од т.н. „проевропско“ мнозинство – десно центристичката Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите и либералите, поддржани од Зелените и Левицата, да го активираат т.н. „санитарен кордон“, термин кој се користи за неформалниот договор за несоработка со екстремната десница, и да го блокираат изборот на кандидатите на Патриоти за Европа за овие функции. 

Но, 14-те потпретседатели на Европскиот парламент се избираат во три круга, при што во првите два круга за да бидат избрани на кандидати им треба апсолутно мнозинство, додека во третиот круг доволно е и просто мнозинство, што би им овозможило на Патриотите за Европа, со поддршка на ЕЦР, да биде избран барем еден од нивните кандидати, доколку гласовите на останатите групи се поделат помеѓу неколку претенденти за функцијата. 

Дополнително, Патриотите на Европа заедно со ЕЦР би можеле да го формираат т.н. „блокирачко малцинство“ во Европарламентот, со што би го блокирале или успориле усвојувањето на некои законски регулативи, пред се оние поврзани со заштитата на животната средина, во што би можеле да им се придружат и пратеници од другите групи, пред се од ЕПП. сп/

Фото: Фејсбук/МИА Архива

Остани поврзан