Партнерски однос за економски развој: Стопанската комора и Фискалниот совет потпишаа договор за соработка
- Стопанската комора на Северна Македонија и Фискалниот совет на Република Северна Македонија потпишаа договор за соработка, со кој се поставува основа за редовна комуникација и партнерски однос во клучни области како што се макроекономските движења, монетарната и фискалната рамка и управувањето со јавните финансии.
Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Стопанската комора на Северна Македонија и Фискалниот совет на Република Северна Македонија потпишаа договор за соработка, со кој се поставува основа за редовна комуникација и партнерски однос во клучни области како што се макроекономските движења, монетарната и фискалната рамка и управувањето со јавните финансии.
Целта, како што соопштија од Стопанската комора на Северна Македонија, е да се зголеми взаемната информираност во функција на максимизирање на предвидливоста на бизнис амбиентот за економските субјекти.
Договорот, кој го потпишаа претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, предвидува размена на податоци, анализи, извештаи и мислења што се од взаемен интерес, што ќе овозможи подлабока координација меѓу двете институции. Исто така, договоренa е можноста за заедничко учество во проекти, програми и анализи.
-Двете страни ќе соработуваат во организирање обуки, едукативни настани и работилници на теми кои ги засегаат актуелните економски предизвици. Соработката ќе вклучува и меѓусебна стручна поддршка со цел пронаоѓање најповолни решенија за сложените економски прашања со кои се соочува државата, се наведува во соопштението.
Фискалниот совет е избран од страна на Собранието. Станува збор за независно тело чија цел е да дава независни стручни мислења за фискалните политики и стратегиските документи и извештаи, како и да го надгледува спроведувањето на фискалните правила, заради обезбедување макроекономска стабилност и фискална одржливост.
Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: (претседател) проф. д-р. Глигор Бишев, по предлог на Народната банка и членовите: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ и д-р Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија. дма/сст/
Фото: Стопанска комора на Северна Македонија