Партијата на австралискиот премиер ја започна изборната кампања со фокус на достапно домување
- Левоцентристичката партија на австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска ја започна својата кампања за изборите на 3 мај, ветувајќи зголемена поддршка за потенцијалните купувачи на домови. Очекувањата се дека изборите ќе бидат тесни, со оглед на речиси изедначената поддршка за владејачката партија и конзервативната опозиција — Либерално-националната коалиција.

Перт, 13 април 2025 (МИА) - Левоцентристичката партија на австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска ја започна својата кампања за изборите на 3 мај, ветувајќи зголемена поддршка за потенцијалните купувачи на домови. Очекувањата се дека изборите ќе бидат тесни, со оглед на речиси изедначената поддршка за владејачката партија и конзервативната опозиција — Либерално-националната коалиција.
Владата предводена од Лабуристите вети изградба на 1,2 милиони домови до 2030 година со цел да се намали притисокот врз трошоците за живот и да се одговори на незадоволството поради недостапноста на станови.
- Во Австралија, сопственоста на дом не смее да биде привилегија што се наследува само ако имате среќа, изјави Албанезе на почетокот од предизборната кампања во градот Перт, главен град на сојузната држава Западна Австралија.
Доколку биде реизбрана, владата вети дека ќе гарантира дел од кредитот за купување прв дом, дозволувајќи купување со само 5% учество. Дополнително, ќе бидат издвоени 10 милијарди австралиски долари (околу 6,3 милијарди американски долари) за неповратни средства и кредити за изградба на до 100.000 домови, со цел да се помогнат идните купувачи.
- Ако сакате да го купите својот прв дом, лабуристите ќе бидат тука за вас, порача Албанезе во обраќањето пренесено на телевизија.
Лидерот на либералите Питер Датон, кој беше министер за одбрана во последната владина коалицијата, исто така ја започна својата кампања со фокус на решавање на кризата со домување, за која вели дека ја прави сопственоста на дом недостижна за многумина во земјата со 26 милиони жители.
На почетокот на кампањата на Либерално-националната коалиција во Сиднеј, главниот град на сојузната држава Нов Јужен Велс, Датон вети даночни олеснувања и конкурентен план за станбено градење, кој ќе дозволи ратите од хипотеките за нови домови да се одбиваат од личниот данок на доход.
- Ќе бидам премиер што ја оживува австралиската сон за сопствен дом, изјави Датон во телевизиско обраќање, потенцирајќи го своето искуство — од полицаец до бизнисмен, а потоа и пратеник и министер во неколку ресори во изминатите 23 години.
Популарноста на Датон моментално е блиска до онаа на Албанезе, чие одобрување опадна поради наглото зголемување на трошоците за живот и каматните стапки за време на неговиот мандат. ссм/
фото: ЕПА архива