• среда, 27 ноември 2024

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Монтреал, 26 ноември 2024 (МИА) - Членките на Северноатлантската алијанса треба да ја забрзаат процедурата за Украина да стане полноправна членка на НАТО што е можно поскоро, се наведува во резолуцијата усвоена на пленарната седница на Парламентарното собрание на НАТО.

„Собранието ги повикува владите и парламентите на членките на Алијансата да ги интензивираат политичките и практичните напори за Украина да добие покана и да стане 33. членка на НАТО што е можно поскоро“, се вели во резолуцијата, пренесува Укринформ.

Во резолуцијата се повикува на зголемување на воената, финансиската и хуманитарната поддршка за Украина, како и навремено снабдување со муниција и современи оружени системи.

Собранието препорачува и заострување на санкциите кон Русија и Северна Кореја и обезбедување на Украина со ракети со среден дострел за одбрана и одвраќање од понатамошна агресија.

Оваа година, Парламентарното собрание на НАТО се одржува во Монтреал, Канада. ссм/

фото: архива

Остани поврзан