• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Парична поддршка од Општина Делчево за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани

Парична поддршка од Општина Делчево за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани

Делчево, 19 март 2025 (МИА) - Советот на Општина Делчево денеска на вонредна седница донел одлука за доделување парична помош од општинскиот Буџет за семејствата на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. 

Седницата започна со едноминутно молчење за загинатите во несреќата во дискотеката во Кочани.

 -Во овие денови на жалост, тага и болка, во мое лично име и во името на сите советници од Советот на Општина Делчево, изразувам длабоко и искрено сочувство за жртвите од катастрофалниот пожар кој однесе 59 млади животи, а над 190 лица се борат за живот. Оваа незапаметена трагедија во нашата историја, овој траор кој го преживуваме заедно, не обврзува, најпрво како луѓе, но, и како Општина во целина, да реагираме, и на секаков можен начин, да помогнеме, во ненадоместливата загуба на семејствата. Изгубивме деца, изгубивме ученици, студенти. Изгубивме спортисти, музичари. Изгубивме професионалци. Изгубивме и наш сограѓанин, кој несебично, се бореше до последен здив за да им помогне на оние кои беа во невоља, истакна претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов пред советниците.

Нека оваа нивна жртва, и прескапо платена цена, како што додаде, се вреже длабоко во колективната меморија и свест на сите граѓани и секогаш да не потсетува, дека последиците од неморалните постапки и дејства може да бидат разорни и непоправливи.

-На сите погодени семејства, сега потребна им е и морална, но и секаков вид на поддршка. Затоа, во консултација со градоначалникот), ја свикав оваа вонредна седница на Советот на Општина Делчево со цел како Совет и Општина да донесеме Одлука со која ќе доделиме средства на семејствата на жртвите од пожарот Кочани. Многупати во минатото сме го покажале нашиот хуман и човечен пристап, повикувам и овој пат да покажеме дека сме спремни да помогнеме во рамки нашите можности, а со тоа да покажеме дека Кочани и Кочанчани не се сами ова несреќа, додаде претседателот на делчевскиот Совет.

Решението за доделување парична помош во висина од 300.000 денари влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Сл.гласник на Општина Делчево“. вс/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан