Париз и Рим против прогласувањето на Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, тврдат извори во ЕП
- Некои земји членки на Европската Унија се спротивставуваат на предлогот за вклучување на Корпусот на иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации на блокот, информирала високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на синоќешниот состанок на конференцијата на претседателите на Европскиот парламент.
Брисел, 15 јануари 2026 (МИА) - Некои земји членки на Европската Унија се спротивставуваат на предлогот за вклучување на Корпусот на иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации на блокот, информирала високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на синоќешниот состанок на конференцијата на претседателите на Европскиот парламент.
На средбата зад затворени врати со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и првите луѓе на парламентарните политички партии, Калас не ги именувала земјите што се противат на предлогот, но според извори во ЕП, станува збор за Франција и Италија.
Според овие извори, противењето на идејата за прогласување на Иранската револуционерна гарда за терористичка организација било образложено со ставот дека таквиот потег би можел да ги загрози дипломатските напори на ЕУ за смирување на состојбите во Иран.
По состанокот, лидерот на најголемата партија во Европарламентот, Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, изјави дека е лудо да се тврди оти вклучувањето на Гардата на листата на терористички организации на ЕУ би можела „да ги загрози дипломатските канали со Техеран“.
- Како можеме да воспоставиме комуникациски канали со таков режим? Имаме работа со терористички режим. Корпусот на иранската револуционерна гарда е терористичка организација - рече Вебер во изјава за германска телевизија.
Претходно, портпарол на француското Министерство за надворешни работи изјави дека Париз не ја исклучува можноста да поддржи предлог за прогласување на Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, но потенцира дека оваа воена формација веќе е опфатена со неколку режими на санкции на ЕУ. Според него, во моментот не постојат потребниот консензус и политичка решителност за нови санкции на ЕУ кон Иран.
Изворите во ЕП посочуваат и дека Калас најавила оти на следниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ предвиден за 29 јануари има намера да предложи пакет-санкции кон Иран. сп/ми/
Фото: Европски парламент