• четврток, 26 декември 2024

Параолимпискиот комитет на С Македонија се приклучува кон NLB Wheel-лигата

Параолимпискиот комитет на С Македонија се приклучува кон NLB Wheel-лигата
Скопје, 12 април 2022 (МИА) – Спортот претставува извор на позитивна енергија, оние лица кои се во инвалидска количка преку спортувањето црпат волја за живот, живот во кој социјалната вклученост ќе доведе до инклузивност. За таа цел Параолимпискиот комитет на Северна Македонија првпат преку поддршка од Амбасадата на Словенија во соработка со НЛБ Банка се вклучува во NLB Wheel. На денешниот состанок, кој се одржа во просториите на НЛБ Банка помеѓу Словенечката амбасада, НЛБ, Агенцијата за спорт и млади и други општествено одговорни компании, се разговараше за потребите при формирањето на тимот кој ќе тренира со надеж дека во иднина и ќе учествува во регионалната лига на кошаркарка во инвалидски колички. - Денеска го имавме првиот состанок за организација на екипа од Македонија, која треба да учествува во регионална лига, NLB Wheel тоа е регионална лига на кошаркарка во инвалидски колички, која 14 години е под координација на Словенија. Во последните неколку години се приклучија скоро сите држави од поранешна Југославија, последна беше Црна Гора и сега наша желба беше во таа лига да ја вклучиме и Македонија. Нашата цел е Македонија со своја екипа да се приклучи за првпат, изјави претседателот на Управниот одбор на НЛБ, Бранко Грегановиќ. Амбасадоро на Република Словенија, Милан Предан, рече дека лицата со инвалидитет понекогаш и се самоизолираат, па поради тоа вклученоста во спортот и дружбата со лица со кои ги делат истите проблеми, ќе има значаен придонес. - Многу сме задоволни што можевме денеска да ги собереме сите кои ќе дадат свој придонес, нам ни е јасно дека ако нема основни услови, никој нема да се занимава со тој спорт, затоа што овој спорт не е евтин, една количка чини меѓу четири и шест илјади евра. Но, ако се создадат основните услови, верувам дека повеќето лица инвалиди ќе може да се приклучат во овој спорт. Сигурен сум дека за една година барем една екипа ќе биде дел од таа лига. Овој спорт, кој има многу поголема важност од останатите, бидејќи е извор на една енергија, која може да ги надмине физичките ограничувања, рече Предан. Дека овој спорт е важен за социјалната влученост и инклузивност се согласува и тренерот Бранимир Јовановски. Според него, преку овој спорт, лицата со инвалидитет ќе можат да покажат интерес и да остварат некаков успех. - Параолимпискиот комитет на Северна Македонија традиционално учествува на параолимпискиот спорт, во стрелаштво, меѓутоа отсекогаш кај нашето членство постела желба за учество во некој екипен спорт, да се обидат и на тоа поле, да покажат некаков интерес и некаков успех. Секако дека разликата помеѓу поединечниот и екипниот спорт е голема, екипниот спорт дава повеќе колегијалност, дружба, поголема можност за социјализација, а со тоа и социјална инклузија во општеството, и тоа е еден добар чекор, кој еве денеска заедно со нашите колеги од Сојузот на параплегичари на Словенија се обидуваме да го анимираме во нашата држава, истакна Јовановски. Според Грегор Грачер од NLB Wheel, спортот ќе придонесе и за подобрување на здравјето на учесниците. - Спортот е нешто позитивно, и кога ќе станеш инвалид се соочуваш со многу тешкотии и преку спортот можеш да ја поттикнеш волјата за живот, кошарката на колички е екипен спорт и преку екипниот спорт можеш да растеш повеќе и да станеш подобар како личност, бидејќи поминуваш време со луѓе кои се исти, и тоа е многу важно, да се препознае и дознае дека преку спортот имаш многу подобар живот. Воедно Министерството за здравство ќе има олеснувања, бидејќи овие лица ќе бидат помалку болни, затоа што ќе се занимаваат со активност, рече Грачер. Информира дека засега има дестина лица кои сакаат да играат кошарка, од кои повеќето се од Скопје, но има и од Битола и Струмица. - Екипниот спорт треба да се тренира заедно и сигурен сум дека  во ноември – октомври ќе почнеме со тренинзи и дека сите Македонци инвалиди кои сакаат да играат ќе доаѓаат да тренираат за по година тренинг да ги видиме во оваа лига, додаде Грачер. Овој проект доби поддршка и од Агенцијата за спорт и млади, од каде што ветија сериозен пристап, односно долгорочна поддршка. свс/са/

Остани поврзан