• недела, 24 ноември 2024

„Парада на фараоните“ во Египет

„Парада на фараоните“ во Египет
Каиро, 1 април 2021 (МИА) - Во Каиро во сабота ќе биде организирана „Парада на фараоните“, при што 22 мумии на владетели и владетелки на Древен Египет ќе бидат префрлени од Музејот во Каиро, каде што се наоѓаат повеќе од еден век, во Националниот музеј на египетска цивилизација. Националниот музеј е огромна современа зграда што треба да се отвори во средината на април На „Парадата на фараоните“, ќе бидат изложени мумии на 18 владетели и четири владетелки. Предвидено е настанот да трае околу 40 минути, под полициски надзор. На чело на поворката ќе биде фараонот Секененре Тао, кој живеел во 16 век пр.н.е. - од 17-та египетска династија, а на крајот ќе биде Рамзес Деветти од 20-та династија (12 век пр.н.е.). Како познати на пошироката јавност, Рамзес Втори и Хатшепсут - исто така ќе бидат дел од „Парадата“. Настанот ќе биде проследен со музички настапи кои ќе бидат пренесувани во живо на Египетската телевизија. Повеќето од овие мумии, откриени во близина на Луксор од 1881 година, не го напуштиле досегашниот музеј од почетокот на 20 век. - Мумиите ќе бидат претставени за едукативни цели. Не поради сензационализам, изјави египетологот Захи Хавас за францускиот печат. Египет се обидува да ги врати туристите со промовирање на новиот Национален музеј, како и на Големиот египетски музеј во близина на пирамидите во Гиза, што исто така, треба да се отвори наредниве месеци. Инаку, под ознаката #проклетствотоНаФараонот, на арапски јазик, многу корисници на интернет ги поврзуваат неодамнешните катастрофи во Египет со „проклетството“ поради пренесувањето на фараоните. Египет во рок од една седмица, имаше блокада на Суецкиот Канал, потоа - железничка несреќа во којашто загинаа 18 лица на југот на земјата, а најмалку 25 лица загинаа при уривање на зграда во Каиро. „Проклетството на фараонот“ се спомнува во печатот уште 1920-тите години, по откривањето на гробницата на Тутанкамон, бидејќи членовите на археолошкиот тим наводно починале под мистериозни околности.  си/

Остани поврзан