• сабота, 28 декември 2024

Парада на гордоста на 22 јуни под слоганот „Спектакуларно непослушни“

Парада на гордоста на 22 јуни под слоганот „Спектакуларно непослушни“

Скопје, 26 мај 2024 (МИА) - Под слоганот „Спектакуларно непослушни“, во паркот „Жена борец“ во Скопје на 22 јуни оваа година ќе се одржи петтата Парада на гордоста. Најавено е дека рутата ќе биде иста како и изминатите години и се очекува да биде обезбедено високо ниво на безбедност.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска на денешната прес-конференција посочи дека досегашните четири паради паради поминаа во најдобар ред, со максимално ниво на безбедност и со ниту еден инцидент.

-Бележиме два инцидента во текот на овие пет години кои што се случија после завршувањето на парадите на гордоста. За двата инциденти институциите реагираа навремено, а за едниот инцидент дури беше отворена постапка која што се водеше како кривично дело од омраза, што сметаме дека е исто така соодветен одговор од страна на институциите и позател за тоа дека државата сака да ги заштити правата на сите граѓани, рече Пировска.

Таа напомена дека се уште немаат официјална комуникација со МВР и посочи оти очекува и новата владејачка гарнитура да покаже дека оваа држава има демократски капацитети.

-Сега се наоѓаме во деликатна ситуација бидејќи се уште официјално не се завршени изборите. Знаете дека имаше прегласување на неколку места. Државната изборна комисија се уште не излегла со официјалните и крајните резултати од изборите, поради што и се уште немаме официјална комуникација со МВР за да ги почнеме подготовките околу Парадата. Тоа ќе го сториме оној момент кога официјално ќе бидат завршени изборите, рече Пировска.

Таа додаде дека во периодот што доаѓа ќе го следат говорот на омраза, за кој потенцираше дека секогаш е во пораст пред ваквите настани, и ќе ја информираат јавноста и институциите да преземат одредени мерки на претпазливост пред настанот.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски на прес-конференцијата посочи оти очекува годинешната Парада да биде една од најдобрите и најпосетените настани, како и во претходните години, во Скопје.

-Оваа година слоганот на главната порака на Парадата е „Спектакуларно непослушни“. „Непослушни“ - затоа што ние сме непослушни и сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријархот кој владее веќе доста векови, а „спектакуларно“ - како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како петти Прајд, додаде Андоновски.

Според извршниот директор на ЕКВАЛИС Ангел Димитриевски, ова а само еден ден од целата година кога ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.

-Ова е заедница која не по своја желба е притиснета најчесто во свои приватни простори, во домот, во семејството, и да ги чува своите животи во тие приватни простори и дури и таму кога сме во тие приватни простори, ги доживуваме најекстремните форми на насилство. Кога една заедница се соочува со насилство во приватниот простор каде што е приморена да биде втурнета, тогаш значи дека нашето општество треба радикално да се промени. За ЛГБТИ заедницата концептот на послушност е и политички концепт, затоа што често пати кога оваа заедница ги барала своите права, тоа било обележано како некаков каприц или како претерана желба за вниманите, додаде Димитриевски на прес-конференцијата.

Тој додаде дека желбата да се живее достоинствено и еднакво не е никакво каприц, туку е само барање за еднакво место во ова општество кое што им припаѓа на сите други граѓани.

-ЛГБТИ луѓето го бараат токму тоа, да можат да се свои, да се автентични, да се движат во јавниот простор, да учествуваат во политичкиот живот, наместо постојано да се втурнуваат во своите четири ѕидови. Нашиот концепт за еднаквост, доколку е спорен за заедницата, тогаш да, во тој случај одбираме да бидеме непослушни. Ќе се бориме за иднина која е генерално позитивна за нас, а тоа ни го докажува токму овој настан кој во изминативе пет години е се повеќе посетен и за наша среќа е повеќе посетен од млади луѓе, рече Димитриевски.бт/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан