• четврток, 26 декември 2024

Парада на гордоста во Атина – една од помасовните во изминатите години (ФОТО)

Парада на гордоста во Атина – една од помасовните во изминатите години (ФОТО)
Атина, 19 јуни 2022 (МИА) – Со пораки против хомофобијата, трансфобијата, расизмот, дискриминацијата и нееднаквоста, со пораките „Љубовта е слепа, а не хомофобична“; „Водете љубов, а не војна“; „Човеку, љуби“, илјадници граѓани маршираа на традиционалната парада на гордоста во Атина под слоганот „Безусловно“, за која учесниците и организаторите велат дека беше една од помасовните во изминатите години, јави дописничката на МИА од Атина. Плоштадот Синтагма и улиците во грчката метропола беа исполнети со боите на виножитото, со музика, насмевки, но и оптимизам дека дискриминацијата ќе биде минато, а припадниците на ЛГБТ+ заедницата ќе имаат еднакви права, нешто што и самите го истакнуваат. Во разговор со дописничката на МИА од Атина велат дека парадата има и двојно значење бидејќи не е само еден убав настан и забава, туку и можност да ги изразат нивните барања да добијат еднаквост, да ги добијат просторот и правата што треба да ги има секој човек. Сепак, истакнуваат дека ситуацијата е подобрена и во минатото беа направен чекори во правилна насока.   -Ситуацијата за ЛГБТ+ заедницата е многу подобрена. Го гледаме тоа и сега. Некои се дојдени со нивните деца, има семејства и мислам дека веќе сме на добар пат ова да стане нешто нормално, во свеста на луѓето да биде нормално. Секако постојат уште многу „мрачни точки“, многу расизам, хомофобија итн, вели за МИА Јоргос Калогеропулос од здружението „Proud seniors Greece“, односно група за поддршка на ЛГБТ+ лицата на возраст над 50 години. „Athens pride“  доби и политичка и дипломатска поддршка, со оглед на тоа дека учествуваа и претставници на грчките политички партии, како и на дипломатскиот кор во Атина. На плоштадот Синтагма беа поставени штандови, а меѓу нив и оние на владејачката Нова демократија, како и на опозициските СИРИЗА и ПАСОК- Движење на промена. Штандовите ги посетија и низа грчки политичари, министри од Владата, но и лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, кој вчера, заедно со членови од неговата партија до Парламентот доставија предлог закон за истополови бракови и правото за посвојување деца да важи за сите парови. Токму овие се и дел од барањата на ЛГБТ+ заедницата, со оглед на тоа дека во Грција, единствено е признат и законски договорот за соживот, но не и бракот, а не е дозволено посвојување деца од истополовите парови. -Сигурно е дека се направени чекори. Не сме онаму каде што бевме пред 10-15 години. Секако овие чекори се благодарение на голема битка на одредени луѓе. Но, сепак, гледаме дека не се направени храбри чекори од страна на државата. Поконкретно, постои договор за соживот, но ова е половично. Не постои брак, не постои посовојување, треба да се смени и расистичкиот закон каде што не е вклучен говор на омраза. Постојат уште многу работи кои треба да се сменат, вели за МИА Ана Аперги од Асоцијацијата за поддршка на трансродовите лица.   Парадата започна пред грчкиот Парламент, учесниците над два часа парадираа низ улиците во центарот на Атина, а по завршувањето се одржа голем концерт на плоштадот Синтагма. „Athens pride“ се одржува секоја година кон средината на јуни, а првата парада на гордоста беше во 2005 година. ср/ Фото: МИА

Остани поврзан